Наградата „Григор Прличев“ за „Крале Марко по вторпат“ на Ковилоски

167

Славчо Ковилоски од Скопје, поет, прозаист и книжевен историчар е добитник на престижната награда „Григор Прличев“ што секоја година се доделува во чест на славниот охридски преродбеник.

Поемата „Крале Марко по вторпат“ е избрана за најдобра поема на конкурсот за најдобро поетско дело за 2018 година.

Идејата да се напише поемата „Крале Марко по вторпат“, авторот ја наоѓа во мешањето на легендите и историските факти за Кралот Марко, при што честопати стварноста е заменета со митологијата и обратно. Крале Марко како најомилен јунак во епосот на јужнословенските народи нуди извонредно многу можности за градење книжевен лик кому не му се туѓи ниту реалноста, ниту фантастиката.

Ковилоски (1978) е автор е на збирка раскази, две монодрами, три збирки поезија, три романи и повеќе монографии од областа на книжевноста, историјата и културологијата. Добитник е на повеќе награди, меѓу кои: наградата за наука „3 Ноември“ и за поезија „Јован Котески“.
Во 2018 година како еден од најмладите добитници ја примил најголемата државна награда „Гоце Делчев“ за особено значајно остварување од интерес на Република Македонија од областа на науката за монографијата „Прилеп и Прилепско во 19 век” (културно-историски процеси).

Наградата на лауреатот ќе му биде доделена во рамки на Манифестацијата „Прличеви беседи“ што секоја година се одржува на почетокот на февруари во знак на одбележување на годишнината од смртта на македонскиот книжевен великан Григор Прличев.