Може да добиете до 1.800 денари, ако сте скенирале сметки

На над 175 илјади граѓани во декември ќе им бидат исплатени 3,5 милиони евра. Најнискиот износ за враќање на данокот за едно календарско тримесечје изнесува 50 денари. Доколку износот на данокот за враќање е понизок од 50 денари, истиот се пренесува за исплата за наредното календарско тримесечје

251

Меѓу 1 и 15 декември треба да легнат првите пари на скенирачите на фискални сметки. Вкупниот износ кој треба да легне на нивните трансакциски сметки е 3,5 милиони евра, а според надлежните досега има над 175 илјади корисници на мерката Мој ДДВ.

По декемвриската исплата, секои три месеци ќе се исплатуваат наредните средства на трансакциските сметки од скенираните фискални. Значи, во текот на февруари ќе бидат исплатените парите за скенираните сметки во октомври, ноември и декември, додека, пак, во април, на „скенирачите“ на фискални сметки ќе им стигнат парите за месеците јануари, февруари и март. Едно лице може да поврати максимум 1.800 денари за три месеци, информираат од УЈП.

Според директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска „МојДДВ“ е мерка, која првпат враќа пари кај граѓаните, помага во сузбивањето на сивата економија и и помага на УЈП да се справи со сите што сакаат да направат даночно затајување.

Најнискиот износ за враќање на данокот за едно календарско тримесечје изнесува 50 денари. Доколку износот на данокот за враќање е понизок од 50 денари, истиот се пренесува за исплата за наредното календарско тримесечје.

Највисока основица за пресметување на данокот за враќање, за едно календарско тримесечје, е искажаниот данок на додадена вредност во фискалните сметки во висина од 12.000 денари.

Исклучоци за остварување на правото на враќање на данокот се фискални сметки чии вкупен промет надминува 30.000 денари и фискални сметки кој се стонирани. Право на враќање на данокот имаат физичките лица кои имаат навршени 15 години возраст, поседуваат валиден документ за идентификација, се регистрирани корисници на системот за е-Персонален данок на УЈП и поседуваат трансакциска сметка.

Од УЈП претходно информираа дека граѓаните не треба да се грижат за безбедноста, бидејќи изјави за доверливост се потпишани од страна на сите институции за заштита на личните податоци. Системот за поврат на ДДВ не навлегува во податоците на даночниот обврзник, а трансакциската сметка којашто е во системот е со цел да се исплатат парите од повратот на ДДВ.

Оттаму предупредија и да не се вршат манипулации бидејќи системот ќе препознае доколку некој сака да го изманипулира и двојно да врати пари од ДДВ. За таквите, предвидена е глоба од 250 евра.

Според најавите, даночните власти треба да објават анализа и податоци за мерката „МојДДВ“ преку која ќе се види какви биле придобивките во однос на намалување на сивата економија. (А.С.)