МЗ: Домашни картички и за сестрите и лекарите од гостиварскиот ковид-центар

107

Проблемот со гостиварските лекари ќе биде решен, изјавија од Министерството за здравство. Оттаму за весникот ВЕЧЕР изјавија дека имаат побарано од Фондот за здравствено осигурување и Генералниот секретаријат во Владата да им се исплатат домашни платежни картички на здравствените работници од Инфективното одделение во гостиварската болница за месеците март и април.

Како што објави весникот ВЕЧЕР, 27 вработени во гостиварското Инфективно одделение се закануваат со штрајк бидејќи се исфрлени од листата за домашни платежни картички иако тоа им следува согласно уредбата на Владата. Тие доставиле Ургенција со потписи на сите вработени до Владата, но и Приговор до Министерството за здравство и ФЗОМ. Oфицијално објаснување зошто гостиварските здравствени работници не се ставени во групата иако Инфективното одделение во Гостивар уште од почетокот на кризата е регионален ковид-центар е дека немале пациенти заразени со ковид-19.

-Ние навремено поднесовме приговори и тоа до Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување и до Владата на РСМ. Меѓутоа и по поднесениот приговор и по разгледувањето на приговорите од страна на надлежните органи и доделувањето на платежни картички на оние лица на кои им беа усвоени приговорите ние платежни картички повторно не добивме, ниту пак добивме писмен одговор зошто ние како вработени во Инфективното одделение Гостивар кои од почетокот на пандемијата бевме вклучени во борбата против ковид-19 не ги добивме платежните картички „Купувам домашно“, се вели во реакцијата на вработените од гостиварскoто Инфективно.

Тие појаснуваат дека од почетокот на пандемијата, до денес се на прва линија за помош на пациентите позитивни на ковид-19 се грижат за нив и им даваат нега целиот период наназад и се надеваат дека ќе ги добијат платежните картички кои согласно Уредбата на Владата беа предвидени за сите здравствени работници на инфективните одделение кои се вклучени во борба против коронавирусот. Од почетокот на епидемијата, посочуваат, континуирано биле примани пациенти позитивни или пак сомнителни со ковид-19, кои своите резултати од тестовите ги чекале хоспитализирани на инфективното одделение.

– На почетокот на епидемијата во нашата држава, во Инфективното одделение во Гостивар беа хоспитализирани пациенти сомнителни или позитивни на ковид-19 кои се наоѓаа во хотелите кои беа предвидени како државни карантини во Маврово. Во март и април во Инфективното биле примени 44 болнички пациенти сомнителни или позитивни на ковид-19 и вкупно 539 амбулантски случаи. Во мај и јуни биле примени 54 болнички пациенти сомнителни или позитивни со ковид-19, како и 209 амбулантски пациенти. И во моментов на поднесување на приговорот, Инфективното одделение е со исполнет капацитет, а медицинскиот персонал на секој пациент му дава безрезервна помош, лекување и нега, велат од Инфективното.

Согласно одредбата на Владата за доделување на домашни платежни картички “Купувам домашно“ за здравствените работници ангажирани во справување со ковид-19 беше предвидено да добијат картичка во износ од 40%  од последната основна нето-плата.