Кој ќе стигне прв до Попова Шапка со трчање или со велосипед!?

163

Во сабота ќе се одржи втората спортско-рекреативна манифестација „Предизвикот на Шар Планина“ (Sharra Challenge), за најбрзо искачување од Тетово до Попова Шапка во категориите: планинско трчање, планински велосипедизам и друмски велосипедизам.

Учесниците на натпреварот ќе тргнат од тетовскиот градски плоштад во 9 часот. Патеката за планинско трчање е долга 10 километри. Релацијата е Тетово – Гајре – Лисец – Попова Шапка, по планински патеки.

За категоријата друмски велосипедизам патека е долга 20 километри, односно од плоштадот по асфалтираниот пат до Попова Шапка. Патеката во планински велосипедизам е исто така долга 20 километри, но движењето е во правец Тетово – Бањиче – Шипковица – Лисец – Попова Шапка, при што 75 отсто е планински пат. Сите учесници кои ќе стигнат до Попова Шапка ќе треба да искачат 1.200 метри разлика во надморска висина.

Во секоја од трките во трчање, планински и друмски велосипедизам, во машка и женска конкуренција ќе бидат доделени награди: за прво место – златен медал и 5.000 денари; второ  место – сребрен медал и 3.000 денари и за трето место – бронзен медал и 2.000 денари.

Секој учесник задолжително треба да има технички исправен велосипед, кацига и резервна внатрешна гума.