Корекција или потврда на Годишните даночни пријави и викендов

384

Граѓаните кои до вчера, кога истече официјалниот рок, не ја потврдиле или коригирале годишната даночна пријава што им ја испрати УЈП, имаат време тоа да го сторат уште два дена, за време на викендов. Со тоа, пријавите што ги пополни УЈП и по електронски пат им ги испрати на обврзниците да ги потврдат или да ги коригираат, конечна форма ќе добијат в понеделник, на 3 јуни.

– Ова од причина што крајниот рок за добивање на статус на конечни даночни пријави е во неработен ден, согласно на што на 3.6.2019, понеделник, Годишните даночни пријави ќе добијат статус на конечни даночни пријави според последниот статус на Годишната даночна пријава – потврдена или коригирана, информираат од Управата и појаснуваат дека пријавите кои од страна на граѓаните не се ниту потврдени или коригирани, ќе бидат службено потврдени.

Во УЈП вчера не дадоа податок колку граѓани ги потврдиле или коригирале пријавите, кои првпат годинава ги добија во претпополнета форма по електронски пат. Оттаму велат дека процесот сè уште е во тек, па официјалните податоци ќе ги соопштат по негово заокружување.

Новиот начин на пријавување на приходите за кои се поднесува ГДП им заштеди време на обврзниците, зашто работата можеа да ја завршат од дома или од работното место, само со неколку клика на компјутерот, наместо како до сега да чекаат ред на шалтерите на УЈП за да ја предадат пријавата во хартиена форма.

Сепак, бидејќи ова е новина, некои обврзници не се снајдоа, па сепак застанаа на шалтер. Во текот на вчерашниот ден екипата на весникот „Вечер“ на шалтерите на УЈП во Скопје регистрираше 20-ина граѓани кои сметајќи дека им истекува рокот, како што беше првично најавено, поитале да побараат помош од службениците околу отворањето на ГДП што им ја испратиле даночниците.

– Единствено јас во семејството не успеав да ја отворам пријавата, иако ја пишував точната лозинка. Подолго време се обидував да ја завршам таа работа, но не успеав, па вчера побарав помош во УЈП. Излезе дека сепак има некој проблем, но службеничката по неколку обиди го реши. Успеав да ја видам пријавата, точна беше и ја потврдив. Инаку, повеќе луѓе кои чекаа во ред пред шалтерот го имаа истиот проблем, вели една граѓанка која чекаше пред даночните шалтери во  Скопје.

Во врска со ова од УЈП ни одговорија дека тие од самиот почеток на реализација на „е-Персонален данок” нудат поддршка за граѓаните во сите фази од процесот.

– Во изминатиот период одреден број граѓани ги посетуваат даночните шалтери, дел од нив го контактираат контакт центарот и согласно пријавениот проблем добиваат информација и помош од службените лица. Главната цел на овој систем е поедноставување на процесите за пријавување и плаќање на данокот, а една од бројните придобивките од користење на системот е и заштедата на време што досега граѓаните го губеа  чекајќи во долги редици пред даночните шалтерите, велат од УЈП.

Оттаму додаваат дека се многу задоволни од реализацијата на проектот и појаснуваат дека реформата е креирана и се реализира од врвен тим професионалци кои влечат искуства и од други европски земји, во кои ваквиот начин на пријавување и плаќање на данок, односно системот „е-Персонален данок” се применува подолго време.

(С.В.)