Концертите убави како и неговата музика: Поп-пејачот Драган Мијалковски величествено одбележа 60 години успешна кариера!

1175

Во времето на поранешна Југославија, Драган имаше блескави настапи на фестивалите: „Белградска пролет“, „Сплит“, „Вашиот шлагер на сезоната“, „Опатија“, „Загреб фест“, „Песна на летото“… Тогаш му предлагаа да се пресели од Скопје во Белград, таму да продолжи со кариерата, но тој остана во родната Македонија, во Скопје. На некогашната прва дама на Југославија, на Јованка Броз, згодниот Драган ѝ беше најомилен пејач

 (Текст и фото: Дуле Миќиќ)

 

Конечно, и во Македонија некоја наша голема  забавно-музичка ѕвезда – станува збор за легендарниот поп-пејач Драган Мијалковски – заслужено да добие свои солистички концерти (во организација на скопското Радио Бубамара), со кои го привлече вниманието на домашната публика. По теркот на оние поранешни, југословенски, незаборавни естрадни имиња (Оливер, Тереза, Мики, Габи, Мишо, Бора Чорба, Балашевиќ, „Зана“, Дорис, Здравко…), и Драган, во полн сјај и пред преполна сала во МОБ, концертно ги испеа своите (но, и наши) незаборавни, големи хитови, меѓу кои и, веројатно, најголемиот – „Кажи нешто, драга“, потоа: „Ти така ми доаѓаш“, „Гитаро моја“, „Моја малечка гулабице“, „На 223-305 јави се“, „Убава си како музика“, „Перонот три“, „Оди си“… Но, на публиката ни на крај на умот не ѝ беше да си оди. Немаше ни трошка причина за тоа. Напротив, луѓето беа дојдени да уживаат во рефрените на песните што ги одбележаа златните години на македонската естрада.

Драган, македонска музичка легенда, иако има 74 години, одлично се држи, и физички и ментално, па лесно го одработи концертот (оној првиот на кој бевме, а слушнавме и вториот) како да пее секој ден на сцена по два-три часа без пауза. Инаку, неговата музичка приказна, на која може да му позавидат многумина, започна со аудицијата „Бараме млади таленти“ во 1969 г., а потоа ја достигна најголемата популарност во 1970-тите и во 1980-тите, кога соработуваше со композиторите: Тодор Бојаџиев, Ванчо Димитров, Војкан Борисављевиќ, Никица Калоѓера, Драган Ѓаконовски-Шпато, Кире Костов, Димитар Масевски, Зденко Руњиќ, Аца Кораќ… со чии песни учествуваше на најзначајните ексјугословенски забавно-музички фестивали во Белград, Загреб, Сараево, Сплит, Опатија, Скопје…

Другарувањето со публиката таа априлска ноќ Драган го започна со добро познатата носталгична песна „Скопје, младост моја“, враќајќи нè едно триесетина години назад, во неговата младост и во она старо Скопје по кое многумина копнеат. Тука, харизматичната водителка Ирена Спировска имаше куса најава, потсетувајќи нè дека Драган Мијалковски е петкратен победник на „Скопскиот фестивал“, вицешампион на „Белградска пролет“, повеќегодишниот учесник на „Сплитскиот фестивал“, двократен победник на „Фолк-фест Валандово“, морален победник на бугарскиот “Златен Орфеј“…. Успеа да направи над 400 концерти во Русија, во 70-тите години, како и над 1.000 концерти во поранешна Југославија. За голем аплауз е и тоа што ѝ беше најомилен пејач на некогашната прва дама на Југославија, Јованка Броз.

Како што течеше концертот така Драган ги промовираше своите две нови песни – „Насмевни се, Вардаре“ и „Самотија“, за кои тој ги напиша музиката и текстот, а аранжманите се дело на Дамир Имери.  Прекрасно емотивно ја испеа добро познатата песна „Поета“ од репертоарот на славниот Оливер Драгојевиќ, но изненадувањето беше уште поголемо поради тоа што ни ја донесе песната препеана на македонски јазик.

Музички гостинки му беа феноменалните Зорица Поп Панкова и Жаклина Стефковска. Зорица е, исто така, голема легенда на македонската музичка сцена, некогашна членка на, исто така ,легендарната поп-група „Македонија“, која во 70-тите години ја „растури“ југословенската естрада со многубројните хитови… („Есенска роза“, „Има една мома многу убава“, „Ѕ’ма, ѕ’ма, ѕ’м”, „Око мое зелено“…).

Концертот ја достигна кулминацијата кога го испеа Драган, заедно со публиката, големиот фолк-хит „Дојди, Лено, на перниче бело“, во придружба на хармониката на маестро Горан Алачки, кој е композитор на оваа песна, а во салата беше и авторот на стиховите, расположениот Орце Зафировски. Беа присутни уште многу познати македонски музички имиња, но и некои спортски: Љупчо Трајковски-Фис, Ванчо Димитров, Александар – синот на Димитар Масевски, Кире Лазаров, Симон Трпчевски, Џина Папас-Џокси… Од сцената, Драган ја поздрави и Ана Костова, ќерката на починатиот композитор Кире Костов, автор на песната „Перонот 3“.  Во публиката беа и голем број новинари од многу медиуми, како и Ели, сопругата на Драган, негова вечна инспирација, и Искра, нивната ќерка.

На крајот од концертот, Драган Мијалковски упати една многу важна порака: Скопје најпосле да добие ексклузивна концертна сала, која ќе може да прими 5 илјади луѓе. Да се надеваме дека ќе му се исполни желбата. Тоа е воедно и нашата голема желба!