Ковачевски: Апелирам за зголемување на нивото на вакцинација и придржување кон мерките за заштита

58

Овој нов бран на коронавирус, кој сега е мешавина на делта сојот и омикрон потврди уште еднаш дека е потребно повисоко ниво на вакцинација и повисоко ниво на придржување кон мерките за заштита, за дистанцирање итн. Никогаш не сум сакал да бидам советник и да делам совети на нашите граѓани, меѓутоа сите светски анализи од сите држави покажуваат дека таму каде нивото на вакцинација е повисоко, стапката на заразување е помала, но дури и кога стапката на заразување е висока, смртноста е помала.

Ова вечерва го истакна премиерот Димитар Ковачевски во интервју за националниот радиодифузен сервис, посочувајќи дека секојдневно разговараат со министерот за здравство Беким Сали и дека постојано заседава Комисијата за заразни болести.

– Уште еднаш апелирам за зголемување на нивото на вакцинација на нашето население. Никогаш не сум бил приврзаник на мерки на присила, секогаш сум би приврзаник на мерки на советување, на учење, на прифаќање врз основа на факти и сметам дека граѓаните треба да прифатат, бидејќи одговорноста за вакцинирање не е само одговорност кон вас самите, таа е одговорност и кон оние околу вас, меѓутоа таа е одговорност и кон индустријата, трговијата, бидејќи со поголем број заболени, а невакцинирани, ние имаме и помалку работници во индустријата, во трговијата и тогаш трпи економијата, рече Ковачевски.

Во однос на самиот здравствен систем, потенцира Ковачевски, веднаш почнаа да се прават реорганизации во него, така што сите клиники и сите директори се на располагање на Министерството за воспоставување систем кој обезбедува легла за секој кој е со потешка клиничка слика. Тој нагласи дека во овој бран се гледа дека клиничката слика е нешто подобра во однос на тоа што го имавме во претходните бранови.

Во врска со тоа што голем број заразени наместо да се тестираат во јавните здравствени установи, за што треба да чекаат повеќе денови, и се тестираат во приватните лаборатории, рече дека тоа прашање ќе го адресираат.

– Секој граѓанин кога ќе почувствува дека не е добар или кога бил во контакт со лице за кое се испоставило дека е заболено, веднаш ќе отиде сам да купи тест, тоа сите сме го правеле. Не чекаме да пример да отидеме кај матичен лекар или во јавна здравствена установа. Ќе разговараме за тоа и со Министерството за здравство за зголемување и на тие капацитети и за овозможување поголем пристап со оглед на поголемите бројки. Исто така и бројките потврдуваат и одредени трендови кои ни се повторуваат во време на распуст и годишни одмори и се гледа во бројот на заразени по старосни групи, рече Ковачевски.

Тој појасни дека со професорот Жарко Караџовски и дел од неговите колеги во детали ги гледале графиконите за бројот на заразени и се потврдува дека кај младите има поголемо ниво на заразеност и тоа особено на пример кога летно време одат на одмор и пиковите се исти кога во зимно време се на распуст.

– Пак апелираме и тогаш апелиравме до родителите кога ја одложивме школската година и јас сум родител, родителите се тие кои треба да ги советуваат своите деца дека треба да се придржуваат до мерките, дека не треба постојано да се оди во затворени простори и дека треба да се придржуваат на мерките за дистанцирање така како што се објаснети од здравствените работници, додаде Ковачевски.