Познати се сите учесници на завршниот турнир во ракометната Лига на шампиони, кој ќе се игра во Келн. По пласманот на ПСЖ и Мадебург, преостанатите два тима кои ќе се борат за титулата се Барселона и Киелце. Каталонците во реванш четвртфиналето повторно беа подобри од ГОГ Гудме (36:31).

Очекувано, ГОГ Гудме беше лесен плен и во Шпанија, дилемите се решија по првиот дел по кој беше 20:13 за фаворитот и така Барселона ќе ја напаѓа третата титула во низа во „Ланксес Арена“ во Келн. Во претходните две изданија шпанскиот гигант во финалето ги победи  данскиот Алборг и полскиот Киелце.

-Ние сме навистина среќни, направивме одлична работа до сега во Лигата на шампионите. Ние уште еднаш се пласиравме на завршниот турнир и се надеваме дека повторно ќе успееме да го подигнеме пехарот, изјави бекот на Барселона Дика Мем.

Фраде со седум гола беше најефикасен кај победникот, пред Ричардсон со четири, а Фабрегас го заврши мечот со три гола. Кај ГОГ Гудме, Вернсдорф имаше пет, а Јакобсен, Јоргенсен, Линг, Олсен… дадоа по три.

Ракометарите на Киелце „експлодираа“ во четвртфиналниот реванш и славеа над Веспрем со 31:27. Полјаците беа апсолутно подобар ривал и сосема заслужено се пласираат на „фајнал-фор“ турнирот во Келн.

Најефикасни играчи кај побединчкиот состав беа Душебаев и Сичко со по шест голови.

Интересно е тоа што оваа година  сите четири учесници на Ф4 ќе бидат од различни земји. Најтрофејна е токму Барселона, која важи за европски рекордер со 11 освоени титули.