Кафе-шема на ЛИ21: И Максим Димитриевски на дружба со противкандидатите

199

Дружбите на кафе на противкандидатите за градоначалници станаа нов тренд на Локалните избори 2021 и даваат нов белег на македонската политичка сцена. По Тимчо Муцунски кој по изборот за нов градоначалник на Аеродром по првиот круг, ги покани своите противкандидати на кафе-дружба, слична дружба организира и досегашниот градоначалник на Куманово, сега независниот кандидат, Максим Димитриевски.

Тој на својот профил на Фејсбук објави фотографија од „супер кафе дружба со кандидатите за градоначалници на Куманово Теодора Димитровска од ДОМ/ЛДП, Тони Михајловски од ВМРО-ДПМНЕ и Беким Салиу од Коалиција Алијанса за Албанците и Алтернатива“.

На кумановската кафе-дружба организирана од Димитриевски, недостасуваше неговиот противкандидат во вториот круг и доскорешен сопартиец од СДСМ, Оливер Илиевски.

„Куманово мора да продолжи да се развива! Ветувам дека по победата на локалните избори ќе ги разгледам програмите на моите против кандидати и добрите проекти ќе ги инкорпорираме во една програма која ќе значи добробит за сите кумановци. Граѓаните заслужуваат подобар квалитет на живот, понапредна општина, почисто и зелено Куманово. Ве повикувам на 31-ви октомври да го продолжиме патот кон европско и модерно Куманово!“, напиша Димитриевски покрај фотографиите.