На Стив Абот на 18. Фестивал на европски филм „Синедејс“ му беше врачена наградата за животно дело за неговата работа со Монти Пајтон.

„Мислев дека никој овде нема да знае ништо за Монти Пајтон, но напротив, сите знаат. Затоа се чувствувам восхитен, бидејќи поминав поголем дел од мојата кариера, поточно 40 години со Монти Пајтон. Секако сум многу возбуден заради големото влијание кое го има оставено секаде“, вели за весникот „Вечер“, британскиот филмски продуцент кој има работено со речиси сите монтипајтоновци, како што се: Греам Чепмен, Џон Клиз, Тери Гилијам, Ерик Ајдл, Тери Џонс и Мајкл Палин

Британската трупа комичари „Монти Пајтон“ слави 50 години од првото емитување на серијата „Летечкиот циркус на Монти Пајтон“ на Би-би-си1 во далечната 1969. Можеше ли да се предвиди влијанието кое го постигна Монти Пајтон со филмовите меѓу кои и „Смислата на животот“, „Светиот Грал“, „Животот на Брајан“?

Кога патувам, како и мојот пријател Мајкл Палин (член на трупата), кој патува насекаде низ цел свет, ние го сфаќаме големиот импакт, големото влијание кое Монти Пајтон го има оставено. За мој срам, јас никогаш досега не сум бил на Балканот, ова е моја прва посета. Требаше да дојдам порано, бидејќи мојот град Брадфорд е збратимен со Скопје и јас бев свесен за тоа уште во 1963 година, кога Скопје беше погодено од катастрофалниот настан. И мислев дека никој овде нема да знае ништо за Монти Пајтон, но напротив, сите знаат. Затоа се чувствувам  восхитен, бидејќи поминав поголем дел од мојата кариера, поточно 40 години со Монти Пајтон. Секако сум многу возбуден заради големото влијание кое го има оставено секаде.

Дали светот се претвора во едно големо Монти Пајтон шоу или отсекогаш бил?

Да, светот е луд овие денови. Тажна е состојбата во светот, смешна, луда, речиси ‘пајтоновска’, бидејќи во речникот „Оксфорд“ постои како придавка. Не сакам да бидам песимист, но се чувствувам благословен што сум на возраста на која сум бидејќи мислам дека имаме многу несигурна иднина, затоа што нашите лидери не ги сфаќаат климатските промени сериозно. Тие повторно ги враќаат идеите за страв од другиот, различниот и гледам дека работите се менуваат на полошо, наместо на подобро и во Велика Британија и во САД.

Деновиве Џон Клиз го критикуваше Трамп со навредливи зборови…

Добро за него што го критикувал Трамп, не сум ја слушнал изјавата. Пред неколку недели бев на 80. роденден на Џон Клиз, но не сум го видел некое време, и тој во последно време кажува некои чудни работи. Живее во даночен егзил на Карибите, каде што живеат олигарси, наркодилери и луѓе кои сакаат да одбегнат данок. За жал, тој беше и голем поддржувач на Брегзит и кажа нешто за кое јас не се согласувам со него и за што се надевам дека бил погрешно цитиран, но рече: Веќе не го препознавам Лондон. А Лондон е прекрасен мултикултурен град, мешавина на сите раси. Но мило ми е што го критикувал Трамп, тој е многу опасен, сега и импичментот е актуелен. Секоја недела со Трамп е катастрофална.

Како Монти Пајтон би го обработил Брегзит и Борис Џонсон?

Доколку работеа заедно Монти Пајтон сега, не знам како би реагирале. Но знаете, тие не користеа современи ситуации кои се случуваат во моментот, тие повеќе гледаа системски, и го критикуваа системот, тоа беше структурна, генерална критика. Но, јас би сакал да кажам дека Борис Џонсон е најдесно ориентираниот лидер кој сме го имале досега и го дели народот и доколку добие уште едно петгодишно владеење се плашам дека, јас и Лондон би биле во ред, но некои работи кои ги кажа за муслиманите, како и за Африканците, не само што не беа од помош туку се срамни, расистички. Тој е високоинтелегентен човек, богат белец, има и напишано есеј зошто е добро да се остане и зошто е добро да се напушти Европа, но политиката е игра за него, како и за повеќето политичари. Тоа е срцепарателно, кога животите и домовите на луѓето се во прашање. Најтажното за Брегзит, што сега се признава е дека пред гласањето се кажаа многу лаги кои ги натераа Британците да се плашат од другиот и дека треба да се напушти Европската Унија. А ова може да ја погоди идната генерација. Да, ние сме големи, ние сме 65 милиони, ние сме империја, но без Европа… Сепак заедно сме посилни во Европа, со Италија, Франција, Германија, Шпанија… А таа Европа заедно успеа да го одржи мирот за време на мојот цел животен век. И како сето тоа сега да се става на коцка ако ја напуштиме Европа. Толку е тоа иронично! А оваа ваша земја сака да се вклучи во Европа и секако бидејќи има очигледни бенефити. Ние како да вршиме самоубиство со тоа што ја напуштаме Европа, но јас имам само еден глас, јас сум само еден човек. Многу е тажно…

На што се должи светскиот успех на Монти Пајтон, темите или апсурдноста на ситуациите кои ги обработува, или добриот хумор и сатира?

Можеби е мешавина од сите овие работи. Правата работа е вистинската работа. Но знаете, пред да бидат актери, сите овие момци беа писатели, сценаристи. Некои од нив се и многу добри актери. Но, мислам дека успехот е и во можноста која луѓе како мене, продуценти, но и Би-би-си им ја даде во слободата да го пишуваат она што сакаат. Тие се многу паметни, на пример Мајкл Палин, со кого сè уште работам буквално на дневна база, сега пишува драми, романи, тој е писател и многу добар актер. Ерик Ајдл и Мајкл Пејлин се можеби најдобрите актери во трупата. Сепак тие го видоа светот преку призмата на апсурдот во британскиот класен систем, во војската, или на интернационално ниво и наместо да се занимаваат со актуелни теми, тие ги нападнаа институциите како црквата, државата, Библијата… на начин што соодветствува на едно универзално ниво. Еве, на пример, сега да сум млад студент со талент и јас би напишал дека некои од решенијата на зградите и статуите во Скопје 2014 се смешни…

Во познатата комедија „Рибата наречена Ванда“ работите со Џон Клиз кој е сценарист, режисер и актер, а во филмот се појавуваат и Келвин Клајн и Џејми Ли Кертис. Кажете ни нешто за тоа искуство како продуцент…

Џон Клиз сакаше да направи филм-комедија кој би се прифатил насекаде, што не беше направено претходно. Да се гледа и во САД, Европа, Австралија, Јужна Америка, и ние намерно го направивме така. Го собравме тимот, дури и пред тие да го видат сценариото, ги знаевме и актерите кои требаше да работат на филмот. Еден беше нашиот заеднички пријател Мајкл Палин, тука беше и Чарлс Крајтон кој имаше 77 години кога го направивме „Рибата наречена Ванда“ и не беше режирал филм 22 години од својата 55-та. Но Џон го сакаше него, бидејќи Џон Клиз знаеше да пишува комедии, но не знаеше како тоа да го претстави на филм. Џон Клиз многу, многу работеше на сценариото, и сакаше луѓето да го видат и да дадат критичко мислење за филмот и волонтерски и после монтажата, ние направивме некои дополнителни снимки бидејќи сакавме филмот да го направиме смешен насекаде. Но морам да ви кажам дека имавме две разочарувања со филмот, тој не беше на прво место по гледаност само во Јапонија, бидејќи не сфативме дека тие јадат жива риба, како и во Португалија, но беше на прво место секаде на друго место: САД, Австралија, Латинска Америка, Западна Европа. Но сè беше заради сценариото на Џон Клиз. За да се направи добар филм треба да се има добро сценарио.

Наташа Илиевска-Таневски