Според уметникот, централно место на изложбата, која ќе биде поставена во белгискиот град Антверпен до 10 април, има сликата „Табула раза“, со димензии 10 метри должина и 3 метри ширина, во маслена техника. Во рамките на изложбата, ќе бидат претставени и документарен филм и книга со истиот наслов. Малите формати, пак, се дел од 500-ина слики кои ги изработил уметникот во периодот на ковид-изолацијата и се посветени на луѓето од целиот свет кои го преживеале коронавирусот

 

Киро Урдин, правник кој стана новинар, но реши да студира уметност… Познатиот македонски уметник со меѓународно реноме и со француско државјанство до 10 април, пред љубителите на уметноста во Белгија, се претставува со 150 свои дела. Во рамките на изложбата која се одржува во галеријата „Црниот пантер“ во белгискиот град Антверпен, посетителите имаат можност да видат 118 мали формати во маслена техника, 12 дела во акварелна техника и 20 други слики во среден формат. Според уметникот, централно место ќе има сликата „Табула раза“, со димензии 10 метри должина и 3 метри ширина, во маслена техника. Во рамките на изложбата, ќе бидат претставени и документарен филм и книга со истиот наслов.

Инаку, ова е прва самостојна изложба на Киро Урдин во Антверпен и негово враќање на уметничката сцена по 14-месечната изолација поради ковид- пандемијата. Малите формати, пак, се дел од 500-ина слики изработени во тој период. Идејата, според авторот, е да се оддаде почит кон човечката сила да се справи со пандемијата, како епопеја на надежта.

„Самата слика ја замислив како духовна метафора. На белата површина се втиснати знаци и форми кои можат да се трансформираат во парчиња од животот расфрлени во просторот, а сиот тој конгломерат, залепен виртуелно на астероид, се движи во космосот носејќи порака од планетата Земја“, вели уметникот Урдин.

Во најавата за изложбата од Галеријата, пак, велат: „Основниот концепт на ‘Табула раза’, насловот што му го дава Урдин на ова дело, директно се однесува на теоријата според која луѓето се раѓаат без вградена ментална содржина, а целото знаење доаѓа од искуството или перцепцијата. Оваа премиса му овозможува на уметникот повторно да ја разгледа сопствената креација, егзистенцијалната прослава на креативноста која ја истражува користејќи и апстракција и фигурација… Ова дело ќе биде фотографирано откако ќе биде поставено и ќе биде вклучено во каталогот што ќе биде објавен за време на изложбата“.

Ова не е и единствено дело на Урдин со големи димензии. Тој започнал да слика во осумдесеттите во Париз, каде што завршил академија за уметност и филм. Тој е познат по своите енергични слики, кои се изложени ширум светот од 1986 година, во градови како Париз, Јокохама, Лос Анџелес, Лондон, Стокхолм и Братислава. Во 1988 година, заминал во Њујорк и Холивуд за да ги оствари своите филмски амбиции. Таму режирал четири филма, а денес продолжува да режира документарни и експериментални филмови.

Во 1996 година, Киро тргна на епско патување низ светот за да ја создаде првата слика на која се работи низ целиот свет. Неговата идеја беше да вгради парче од секое место што го посети, со што симболично ќе го спои светот во едно неподелено единство. Му требаа две години и над триесет локации од големите урбани градови до локалитетите на античкиот свет. Резултатот од двегодишното патување е слика во масло од 48 квадратни метри, со наслов „Планетариум“.

Денес, сликата е изложена во Музејот на уметност „Данубиана Меуленстин“ во Братислава.

Инаку, Киро Урдин е роден во Струмица, Македонија, во 1945 година, дипломирал на Правниот факултет во Белград во 1969 г., а во периодот од 1971 до 1973 работел како новинар. Подоцна студирал на Академијата за уметност во Париз, Франција. Бил награден од Академијата на филмот во Париз, а во 1982-1983 изработувал портрети на истакнатите учесници на „Струшките вечери на поезијата”. Од 1984 година работел и како слободен уметник во повеќе земји. Имал можност да твори во Франција, САД, Јапонија, Швајцарија, Шведска, Мексико, Белгија, Порторико, Филипини и Тајван. Покрај сликарството, но и пишувањето книги, од работилницата на Урдин се излезени и неколку краткометражни филма  – „Уметноста на Киро Урдин”, „Те сакам, Ибан” и „Планетариум”.

Во Македонија, тој се претстави во 2013 г. со мултимедијалниот проект „Франкофонија Планетариум“ во Музејот на Град Скопје. Посетителите тогаш имаа можност да погледнат дел од сликарството на Киро Урдин, 12 поголеми формати масло на платно, акварели и фотографии во поголеми величини изложени на паноа, како пресек на неговиот целокупен творечки пат. Тогаш беа изложени и книги за творештвото на Урдин, пред сè монографии. Беа застапени и дел од мислите, филозофските размисли и афоризми на Урдин за најразлични теми. Исто така, на видеобим беше прикажан и филмот „Планетариум“. Урдин се претстави со овој перформанс во Македонија по цели 20 години.