Власта одби, но опозицијата не се откажува од барањето за лидерска средба на која би се договориле термините за претстојните избори. И покрај јасните сигнали од партиите од власта дека нема потреба, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ,  Христијан Мицкоски, повика таа да се одржи  кај претседателот на Собранието, Талат  Џафери. Доколку двата изборни циклуса се одржуваат според редовниот термин, тогаш на 12 мај треба да имаме нов претседател на државата, а на 15 јули нов парламентарен состав. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, пак, вели дека би свикал лидерска средба за термини за избори само доколку има волја од сите, односно ако претседателите на политичките партии би се согласиле. Според него единствениот можен датум за одржување на двата изборни процеси е 5 мај, кога е и празникот Велигден  

 

 

Власта одби, но опозицијата не се откажува од барањето за лидерска средба на која би се договориле термините за претстојните избори. И покрај јасните сигнали од партиите од власта дека нема потреба, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, повика таа да се одржи кај претседателот на Собранието, Талат  Џафери. Доколку двата изборни циклуси се одржуваат според редовниот термин, тогаш на 12 мај треба да имаме нов претседател на државата, а на 15 јули нов парламентарен состав.

„Нека биде организатор Талат Џафери, нека биде тоа и во Парламентот, и таму ќе дојдам да разговараме за можните датуми за избори бидејќи, во меѓувреме, треба и сите ние да сме свесни дека два големи верски празници, како што е Рамазан и Велигден, а на тие празници им претходат и постови, така што мора да го подготвиме амбиентот за да имаме навистина еден фер изборен процес“, рече Мицкоски.

Џафери, пак, во изјава за државната агенција МИА рече дека би свикал лидерска средба за термини за избори само ако има волја од сите, односно ако претседателите на политичките партии би се согласиле. Според него единствениот можен датум за одржување на двата изборни процеса е 5 мај, кога е и празникот Велигден. Зборувајќи за термините за избори, тој посочи дека мандатот на актуелниот претседател на државата Стево Пендаровски истекува на 12 мај 2024 година. Законските рокови налагаат изборите да се одржат во последните 60 дена од тој мандат. Овој рок, како што посочи Џафери, почнува да тече на 14 март 2024 година.

Во однос на парламентарните избори, пак, законски редовниот рок е во последните 90 дена од четиригодишниот мандат на пратеничкиот состав. Мандатот на актуелните пратеници истекува на 4 август 2023.

„Бидејќи се врши изборот во последните 90 дена од мандатот, од 4 август кога ќе одите наназад 90 дена, се совпаѓа со 5 мај. Прв ден што може да се гласа за парламентарни избори е 5 мај, бидејќи е еден круг последователно секој нареден ден до 15 јули. И последен ден за гласање за парламентарни избори во редовен термин е 15 јули“, рече Џафери.

Оттука тој посочи дека доколку бидат редовни, парламентарните избори не смее да бидат пред 5 мај. Тоа значи дека преостанатите неколку дена од 5 до 12 мај кога истекува мандат на Пендаровски, не се доволни за да се организираат редовни претседателски избори ако се има предвид веројатноста да се гласа и во втор круг.

Затоа, Џафери повика политичките лидери доколку решат да разговараат за изборни датуми, до крајот на годинава треба да се начисто за овие прашања.

ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати досега потенцираше дека е за предвремени парламентарни избори и е на став дека е подобро тие да се одржат во ист термин со претседателските. Исто така и албанската опозициска партија, Движење Беса, бара лидерска средба и парламентарните и претседателските избори да се одржат заедно. Претседателот на Беса изјави дека обединетата албанска опозиција ќе победни на овие избори.

„Обединетата албанска опозиција е подготвена, на следните предвремени или редовни избори да излезе како победничка на тие избори. Ја покануваме Владата што побрзо да закаже лидерска средба и да се распишат предвремени избори. Сметаме дека треба да се одржат заедно изборите имајќи предвид дека станува збор за трошоци кои доколку се одржат како што е предвидено со закон за редовни избори, а во прашање е временска дистанца од 3 месеци, проценуваме дека тоа е непотребен трошок и бараме изборите да се одржат во ист термин, и претседателските и парламентарните избори.“, вели Биљал Касами.

Но, исто како премиерот Димитар Ковачевски  и претседателот на ДУИ, Али Ахмети, не ја поддржува оваа идеја и смета дека тоа не е решение. Ахмети вели дека парламентарните избори ќе се одржат во редовниот термин на пролет следната година. „Приоритет над приоритетите е како да се постигне договор за уставните измени и одржувањето на меѓувладината конференција, што треба да се одржи на крајот на оваа година. Не знам што можеме да направиме за да им служиме подобро на луѓето, отколку да ја зачлениме земјата во ЕУ. Изборите не нудат решение, затоа изборите ќе се одржат во редовниот термин, напролет следната година, а дополнително, доколку на ВМРО и пречи ДУИ во управувањето со државата, автоматски сме покажале силна волја и стоиме на таа одлука, се повлекуваме од извршната власт, во моментот кога тие ќе гласаат за уставните измени“, вели Ахмети.Во однос на уставните измени, тој го повтори ставот дека ако неговата партија ѝ пречи на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш ДУИ ќе излезе од Владата во моментот кога ќе бидат изгласани измените не Уставот.