ЗНМ во Струмица го промовираше Документот за статусот и потребата на дописниците во државата

127

Претседателот на Здруженито на новинарите на Македонија, Младен Чадиковски и извршниот директор на Здружението, Драган Секуловски денеска пред новинарите од Регионалниот центар во Струмица го промовираа Документот за јавни политики за „Статусот и потребата на дописниците во Република Северна Македонија”.

Според Чадиковски, дописничката мрежа се намалува од година во година и состојбата на овие новинари не е добра како од финансиски, така и од аспект на притисоци што ги имаат на локално ниво од бизнис и политички моќници. Смета дека тоа треба да се промени, а патот за промената е обезбедување финансиска независност на дописниците, a тоа може да се направи во брз период со акција на повеќе институции и на повеќе начини.

-Пред се, треба да се обнови дописничкиот кадар во МРТВ, но и да се зголеми со отворање нови најмалку 16 дописништва низ Републиката, кои би вработиле најмалку 32 новинари и сниматели, и тоа не само вработување со полно работно време, туку и отворање на локални канцеларии каде тие ќе можат да ги имаат соодветните просторно-технички услови за работа, вели претседателот на ЗНМ, Чадиковски.
Додаде доколку тоа се направи во корелација со државната информативна агенција-МИА, во тој случај ќе се добие во простор во однос на просторно-техничките услови, а ќе може да се вработат и повеќе луѓе.

Вториот важен сегмет за подобрување на статусот на дописниците е препораката која се однесува на сите радиодифузери на државно ниво, без разлика дали се кабелски или терестријални, да вработат дописници и тоа по минимум осум луѓе за терестријалните, а за кабелските минимум четворица дописници.

Претседателот на ЗНМ Чадиковски смета дека и печатените медиуми треба да имаат дописници, дотолку повеќе што годинава добија субвенции од државата за печатење и дистрибуција.

На крајот Чадиковски истакна дека ЗНМ не го прави тоа само за дописниците, туку поради тоа што тие се значајни за новинарството и со нивната финансиска независност квалитетот на работата и на дописниците и на медиумите ќе биде многу подобар.

Присутните новинари во Струмица ги поздравија заложбите на ЗНМ за подобрување на статусот на дописниците и побараа овие решенија што побргу да се имплементираат.