Златни глобуси за “Зелената книга”, “Боемска рапсодија” и “Рома”

141

Иако најмногу номинации (шест) во категоријата за филмските награди имаше остварувањето “Потпретседател” сепак најголемиот број Златни глобуси (три), за најдобра комедија/мјузикл, за сценарио и за споредна машка улога (Махершала Али) отидоа кај “Зелената книга” во режија на Питер Фарели за приказната која раскажува за турнејата на црномурестиот пијанист (Али) и неговиот возач (Виго Мортенсен) кои патуваат по американскиот Југ во шеесеттите години на минатиот век

Три награди освои филмот “Зелената книга”, а по две “Боемска рапсодија” и “Рома” на свеченоста на доделувањето на “Златните глобуси” што по 76. пат вчеравечер се одржа во Беверли Хилс, САД со што стартуваше сезоната на филмските награди.

Иако најмногу номинации (шест) во категоријата за филмските награди имаше остварувањето “Потпретседател” сепак најголемиот број Златни глобуси (три), за најдобра комедија/мјузикл, за сценарио и за споредна машка улога (Махершала Али) отидоа кај “Зелената книга” во режија на Питер Фарели за приказната која раскажува за турнејата на црномурестиот пијанист (Али) и неговиот возач (Виго Мортенсен) кои патуваат по американскиот Југ во 60-тите години на минатиот век.

Мексиканскиот филм “Рома”, можеби и очекувано, освои две награди, за странски филм и за режија, која отиде во рацете на Алфонсо Куарон. “Филмот е најдобар тогаш кога гради мостови помеѓу културите. Почнуваме да разбираме колку има заеднички нешта меѓу нас… Всушност, овој филм го режираа мојата мајка и моето семејство, таа комплексна лабораторија која ме создаде и обликуваше”, изјави Куарон.

Филмот “Боемска рапсодија”, кој го прикажува животот на Фреди Меркјури, пак, ги освои наградите за најдобра драма и за најдобра машка улога во категоријата драма (Рами Малек). Малек се заблагодари на членовите на бендот “Квин”, Брајан Меј и Роџер Тејлор, присутни на свеченоста, што покажале “дека автентичноста и прифаќањето постојат во музиката, во светот и во сите нас”. На прашањето каде е режисерот Брајан Сингер – кој го напушти снимањето неколку недели пред крајот заради неприфатливо однесување, заедно со обвиненија за сексуална злоупотреба – Малек подоцна зад сцената објасни дека било најважно да се направи приказна која ќе го слави Фреди Меркјури и дека ништо не смеело тоа да го загрози.
“Веруваме дека направивме добар филм за Фреди. Најголем дел од публиката плаче. Тоа ми кажува дека направивме нешто како што треба”, рече Брајан Меј.

Што се однесува за “Фаворитката” на Јоргос Лантимос, иако се очекуваше да го добие Златниот глобус за сценарио, сепак доби само награда за главна женска улога во категоријата мјузикл/комедија која и припадна на Оливија Колман. “Беше прекрасно да работам на овој филм, заради што морав да се здебелам 17 килограми. Патував со приватен авион и само јадев – беше предоцна!”, истакна меѓу другото 44-годишната британска актерка.

 

Блокбастерот “Ѕвездата е родена”, со пет номинации, иако требаше да стане и ѕвезда на вечерта, во последен момент доби само една награда, за најдобра песна (Shallow), на Лејди Гага и текстописецот Марк Ронсон, кој му се заблагодари на Бредли Купер што на песната и дал “емотивен тон”, вметнувајќи ги зборовите во филмот. Купер, инаку, загуби во трката за режија од Куарон, и за главната машка улога од Малек.

Споменатиот фаворит “Потпретседател” на доделата заврши со една награда за главна машка улога во комедија/мјузикл за Кристијан Бејл, кој за ликот на потпретседателот Дик Чејни се здебелил 20 килограми. На Бејл му предвудуваат и триумф на Оскарите заради неговата добра трансформација во ликот на Чејни.

Изненадување годинава на доделата на Златните глобуси беше триумфот на актерката Глен Клоуз која ја победи Лејди Гага за главна женска улога во категоријата драма за филмот “Сопругата”. Таа имаше страстен говор, во кој ја спомена својата мајка, која била потполно потчинета сопруга и која во 80-тата година од животот на својата ќерка и признала дека се чувствува нереализирано.

“Спајдермен: Нов свет”, пак, победи во категоријата анимиран филм, а актерката Реџина Кинг ја доби наградата за најдобра споредна женска улога за филмот “Кога улицата Беал би прозборела”. Со празни раце останаа “Лудо богати Азијци”, “Црниот член на ККК”, “Црниот пантер”, како и “Враќањето на Мери Попинс”, кој ја изгуби и последната шанса кога Златниот глобус за најдобра музика му ја зеде “Првиот човек”.

Наградата за животно дело оваа година им беше доделена на Џеф Бриџис (за филм) и Керол Барнет (за телевизија). Иако Златниот глобус, кој го доделува Асоцијацијата на странски новинари акредитирани во Холивуд, не е сигурен знак дека некој ќе освои Оскар, сепак победниците добиваат добар “ветер в грб” пред доделата на најзначајната филмска награда во светот – Оскарот за кој номинациите треба да бидат прогласени за околу две недели.