Зголемени водостоите на Охридско и Дојранско, Преспанско живна, aкумулациите се враќаат во нормала

124

Последните мерења направени од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) покажуваат дека за два сантиметра е зголемен водостојот на Охридското Езеро, а нивоата на другите две природни езера во земјава стагнираат во однос на претходните денови, иако Преспанското Езеро за 34 сантиметри го има надминато апсолутниот минимум.

Сепак, водостојот на Охридското и на Преспанското Езеро е понизок од просечниот и тоа за 14 сантиметри кај Охридското и за 1,37 метри кај Преспанското Езеро, додека нивото на Дојранското Езеро е за три метри повисоко од повеќегодишниот просек за јануари.

Водостоите на сите реки во земјава се повисоки од просечните, но бележат намалување во однос на завчера. Исклучок е реката Црн Дрим на мерното место во Ложани каде водостојот е повеќе од двојно понизок од просекот за овој месец.

Последните врнежи од дожд ги зголемија дотеците и во акумулациите на АД ЕСМ, како и нивните нивоа.

– Тоа овозможи хидроелектраните да почнат да се враќаат во нормална производна состојба во која во следните денови ќе можат да бидат вклучувани во производниот процес согласно потребите на електро-енергетскиот систем – велат од АД ЕСМ.

За потсетување, во ноември 2020 година беше донесена одлука од страна на АД ЕСМ, а по насока на Владата, за запирање на производството од хидроцентралите токму поради лошата хидролошка година.

(С.Бл.)