За последен пат помош за плати – 31 милион евра за 60.000 работници во петтиот пакет

Ова е последно помагање за исплата на плати бидејќи се очекува излез од кризата и раст и развој на економијата, порача премиерот Зоран Заев. Дискутабилно е дали помошта ќе стигне навреме, зашто февруарската плата треба да се исплати до 15 март, а прашање е дали Собранието, во кое се заглавени и закони за мерки од претходниот пакет, дотогаш ќе го донесе новиот закон за помош за плати. Алтернатива на работодавците им се бескаматните кредити од кои нема да враќаат 30 до 50 проценти ако работат успешно

202

За последен пат компаниите како помош од Владата добиваат пари за плати на вработените. Ваква директна финансиска поддршка има и во најновиот, петти пакет, но само за два месеца – февруари и март. Од пакетот тежок вкупно 160 милиони евра за плати на 60 илјади работници наменети се околу 31 милион евра.

– Ова е последно помагање за исплата на плати бидејќи се очекува излез од кризата и раст и развој на економијата. Чесно е Владата да ја испрати пораката затоа што очекуваме излез од кризата, развој и раст. Ги следиме трендовите и она што се случува во светот, но државата е тука и ќе продолжи будно да следи и да им се најде на компаниите и на работниците и на сите граѓани кои се погодени, рече премиерот Зоран Заев на вчерашната презентација на пакетот.

Условите за да се добијат парите се исти како и претходно. Помошта е повторно скалеста и се движи од 14.500 денари до 21.776 денари во зависност од тоа колкав е падот на приходите на компанијата. Минусот треба да биде од најмалку 30 и да се движи до над 80 проценти за да се добие одредена сума за плати почнувајќи од минималните 14.500 денари. Она на што во периодот кога се дизајнираше пакетот инсистираа работодавците, сега е вградено во него, а тоа е споредбите за падот на приходите да не се прават со ланската кризна година. Па така, минусот во ноември и декември лани и јануари годинава ќе се споредува со минусот во ноември и декември 2019 година и јануари 2020 година.

Новиот пакет содржи вкупно 29 мерки, но токму оваа беше најбарана од компаниите во периодот кога се дефинираше и во него влезе на нивно инсистирање. Претседателот на Организацијата на работодавачите на Македонија, Ангел Димитров, вели дека тоа што помошта сега се добива само за два месеца не е спорно, зашто од Владата им било најавено дека ако има потреба ќе се донесе и шести пакет-мерки. Работодавците се задоволни што добиваат ваква директна помош, а поддршка дава и другиот социјален партнер на Владата, Сојузот на синдикатите на Македонија. Тие откриваат повеќе детали поврзани со условите за добивање на ова помош. Од ССМ велат дека работодавците се обврзуваат да ги вратат на работа избрканите работници затоа што бројот на вработени мора да им е ист како на 31 декември лани. Кога ќе ја добијат помошта нема да смеат да го намалуваат бројот на вработени уште два месеца, значи до крајот на мај.

Сите тие детали ќе се уредат со закон, кој, како што информира Владата се подготвува. Но, тоа е и најспорниот момент за реализација на оваа мерка. Февруарската плата според закон треба да се исплати најдоцна до 15 март, а ако се знае дека во Собранието уште чекаат на донесување закони за мерки од претходниот пакет, прашање е дали исплатата на помошта за плати ќе почне навреме. И со помошта од четвртиот пакет имаше доцнење во донесување на законот, а проблемот се реши со тоа што фирмите кои беа во можност поделија плати од свои пари, а потоа ги добија од државата. Овој пат на располагање имаат уште една алтернатива, а тоа е земање бескаматен кредит преку Развојната банка. За плати или за друга намена на компаниите им стојат на располагање вкупно 10 милиони евра за кои може да аплицираат во текот на целата година.

Директната или кредитната помош за плати со овој пакет е наменета само за фирмите од најпогодените сектори, односно за оние од туризмот, угостителството, занаетчиството, транспортот, индустријата, организацијата на настани, како и за самостојни вршители на дејност, приватни здравствени установи и слично.
Во овој пакет кој содржи 29 мерки ги нема претходно најавените ваучери за туризам, а помош за граѓаните е отпис на каматите на долговите кон јавните претпријатија и плаќање на главнината на 12 рати. Заев најави дека ќе се објави оглас на кој пет месеци граѓаните ќе можат да аплицираат за да им се отпишат каматите. Во петтиот пакет има и помош за занаетчиите, за хотелиерите, за спортските работници, ивент-индустријата, за медиумите, за тутунарите, винарите, има намалување царини, одложено плаќање на некои давачки и друго.

Парите за плати нема да ги враќаат оние кои ќе инвестираат

За разлика од претходно кога помошта за плати не ја враќаа фирмите кои покажуваат загуба, сега кај оваа мерка има ново правило според кое парите нема да ги враќаат компаниите кои ќе инвестираат, без разлика на тоа со каков успех работеле.
-Новината која овој пакет го носи, фокусирањето кон закрепнувањето и економскиот раст, е дека без разлика дали покажуваат загуба или успех, 50 отсто од субвенциите во согласност со законот треба да ги вратат следната година, освен доколку тие средства ги инвестираат наредниот период во раст и развој, тогаш ќе бидат ослободени целосно, вели министерот за финансии Фатмир Бесими.
И од бескаматните кредити нема да враќаат 30 до 50 проценти фирмите кои ќе работат со добивка.

Нема пари за компаниите кои ја злоупотребиле помошта

Компаниите кои ги злоупотребија државните пари добиени како финансиска поддршка со претходните пакети и не ги исполниле обврските, нема да можат да аплицираат за мерките од петтиот пакет, појаснува министерот за финансии Фатмир Бесими.
Премиерот Зоран Заев, пак, порача дека ќе одговараат сите кои направиле злоупотреби, а државата секогаш ќе стои на страната на оние кои работат чесно.

ВМРО-ДПМНЕ: Мерките на Заев не го помагаат бизнисот

Мерки на Заев не го помагаат бизнисот, и не отвораат нови работни места, дури не помагаат ни за задржување на актуелните вработени во фирмите, резултатот и до сега го гледаме, над 55.000 луѓе изгубиле работа, оценуваат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Според членот на ИО на партијата Трајко Славески, недостасува главната мерка, а тоа се вакцини, а со предложените нема да се пособри економијата.
-Владата на РМ во текот на 2020 година усвои четири пакета мерки за поддршка на економијата. Вкупниот обем на мерките изнесуваше околу 3,5% од БДП, што е трета најмала вредност во Европа. Од тоа, мерките со буџетски импликации изнесуваа 2% од БДП, додека мерките без директни буџетски импликации 1,5%од БДП, вели Славески и оценува дека со овие мерки само се купува време.