Дали Димитар Ковачевски ќе биде новиот лидер на СДСМ и нов премиер? Ако се суди по шпекулациите дека премиерот Зоран Заев на средбата  со претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, попладнево во Клубот на пратеници , а на која треба да се разговара за можноста за приклучување на пратениците на Алтернатива во парламентарното мнозинство и за влез во Владата, ќе се појави со неговиот наследник, тогаш веќе нема дилеми.

Средбата е започната, а Заев на истата дојде со актуелниот заменик-министер за финансии и член на Извршниот одбор на СДСМ, Димитар Ковачевски.

Изминативе денови, во јавноста се шпекулираше дека токму Ковачевски  е најсериозен кандидат да го наследи Зоран Заев и на премиерското и на лидерското место во СДСМ.  Димитар Ковачевски  е син на Слободан Ковачевски екс градоначалник на Куманово, инаку висок член на СДСМ.

Поради инсистирање на матичната партија, поголем број од коалициските партнери и дел од меѓународната заедница, лидерот на СДСМ и премиер, Зоран Заев привремено ги одложи оставките од двете позиции, во исчекувањето на епилогот дали во декември ќе почнеме преговори со Европската унија.

Според неофицијални информации, без оглед на исходот на надворешно-политички план, Заев е решен дефинитивно да се повлече од двете функции на почетокот на следната 2022 година, кога ќе се заокружат постапките за избор на нов премиер и особено за нов партиски лидер.

Како што велат владини извори, иако првично се разгледувала идејата новиот премиер и новиот лидер на СДСМ да бидат различни личности, сепак, донесена е одлука двете функции да се спојат во една личност, која ќе го преземе товарот и одговорноста во време на партиска криза, но и на криза во државата на економски, енергетски, здравствен план. (В.М.Б.)