Заев им објави војна на лажните вести

Премиерот рече дека Владата ќе воведе јасни критериуми за медиумите кои се акредитирани да ги следат владините настани и прес-конфренции. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека со овој план Заев се обидува да воведе цензура на медиумите кои не размислуваат како него

105

Владата ќе се бори против лажните вести и ширењето дезинформации. Премиерот Зоран Заев вчера на прес-конференција го претстави акцискиот план на Владата за справување со дезинформациите, кои, како што рече, стануваат сериозен упад во демократските и изборните процеси и влијаат на довербата на граѓаните во институциите и медиумите. Заев истакна дека земјава во изминатите две години во повеќе наврати се соочила со масовно ширење дезинформации, како на социјалните мрежи така и на традиционалните медиуми. Дел од информациите биле споделувани и од територии на други држави.

-Дезинформациите се еден од главните предизвици за демократијата во 2019 година и алатка за манипулација со граѓаните. Злоупотребата на технологијата за креирање лажни ентитети и непостоечки измислени случувања станаа сериозен упад во демократските и изборните процеси и сериозно се закануваат да влијаат на довербата на граѓаните во институциите и медиумите. Како одговор на овие сајбер-закани и согласно заложбите за отвореност, отчетност и транспарентност Владата работи на Акциски план за справување со дезинформациите на системско ниво. Наша цел е да ја зајакнеме националната безбедност и сигурноста на граѓаните на нашата земја и да ја браниме и унапредуваме демократијата, изјави премиерот Заев.

Заев потсети дека Македонија беше означена како земја на лажните вести, откако во 2016 година се откри дека во Велес се водени голем број лажни веб-страници и фејсбук-профили кои ширеа дезинформации во САД, за време на тамошните претседателски избори.

Акцискиот план има две компоненти, безбедносни и проактивни мерки. Ќе се формира акциска група за борба против дезинформации, која ќе анализира и ќе ги следи нападите. Групата ќе ја води министерот за отчетност, Роберт Поповски.

Заев истакна и дека Владата на својата официјална веб-страница ќе ги објавува официјалните одговори дадени на прашања од медиумите, со цел да се спречи извртување на искажаните ставови на Владата.

 -Јас веќе користам нов број и апарат со безбедносен протокол. Проактивни мерки ќе бидат преземени за активна транспарентност со цел да се доближи работата до граѓаните. Ќе се создаде листа на документи и информаци, кои ќе треба да ги објавуваат и ажурираат. Владата на својата веб-страница ќе одговара на прашања на граѓани и медиуми. Ќе спроведуваат едукативна програма за дезинформациите и нивното штетно влијание. Медиумската писменост ќе биде застапена во образовните програми, а владата активно ќе ја поттикнува, дообјасни премиерот Заев.

Во однос на финансиски средства за спроведување на Акцискиот план, беше посочено дека средства постојат, но ќе се утврди потребата за тоа низ дебатите и разговорите со новинарите, сопствениците на медиумите за одржливост на медиумскиот простор.

-Ние сакаме рацете на политиката да ги тргнеме од медиумите. Гледате две години и еден месец од Владата немаме директни пари во ниту еден медиум, а знаеме дека медиумите мора да имаат одржливост. Заради интегритетот на професијата новинар и на медиумите, тоа е нешто кое ќе се случува во паралелни агенди согласно со европските модели кои многу други земји ги применуваат, рече Заев.

Една од точките на акцискиот план во која се вели дека Владата ќе воведе јасни критериуми за медиумите кои се акредитирани да ги следат владините настани и прес-конфренции, во согласност со стандардите на новинарската професија, привлече особено внимание кај присутните новинари. Од Владата не дадоа јасен одговор кои ќе бидат тие јасни критериуми што ќе се воспостават. Премиерот Заев рече дека деталите ќе се договараат со фелата. Тој на новинарско прашање одговори дека доколку се договори со новинарите, во иднина новинари кои секојдневно шират лажни вести нема да добиваат владини акредитации. Ова, како што рече премиерот, би можело да биде и привремена мерка како предупредување.

 -Предлог акцискиот план ќе биде ставен на дискусија на работни состаноци во институциите, како и на консултации со граѓанскиот сектор, медиумите и различни чинители во оштеството, вклучувајќи ги и стратешките партнери на Република Северна Македонија, изјави Заев.

Планот е изработен согласно препораките од Европската комисија, Советот на Европа, секторот за комуникации на НАТО, соработката за професионализација на комуникациите со Британската амбасада, со УСАИД, со Европската мрежа за дигитална комуникација и други.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение реагираа дека со овој план Заев се обидува да воведе цензура на медиумите кои не размислуваат како него и дека ова е само уште една потврда дека слободата на говор во Македонија е загрозена, а медиумите се соочуваат со уцени, закани и цензура од власта.