Големиот успех на овој прв настан од ваков карактер во регионот и пошироко ги увери организаторите дека нивната идеја за трајна годишна манифестација е остварлива, па затоа се разделија од публиката со зборовите: „довидување догодина во исто време!“

Со поетско читање на дванаесетмина од најмладите поетски таленти во земјава, финалисти на поетскиот конкурс „Скопје си ти“, во организација на „Култура бета“ и „ПНВ Публикации“, синоќа завршија „Деновите на поезијата“ во „Скопје Сити Мол“.

Во своето завршно обраќање, Владимир Мартновски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, потсети на богатата програма во која покрај класиците на македонската поезија за кои годинава одбележуваме значајни јубилеи – Рацин, Шопов, Тодоровски, Матевски и Андреевски и Урошевиќ, на публиката ѝ беа претставени поети од сите генерации, вклучувајќи и дебитанти од шеснаесет до дваесетипетгодишна возраст.

– Активното учеството на студентите од нашиот факултет во прогамата, уште од самото отворање на 21 март, Светскиот ден на поезијата, ѝ даде на оваа манифестација меѓународен карактер, благодарение на нивните препеви на Шопов на голем број јазици. Другите настани, како „Лицето на зборовите“, двојазично, македонско-албанско, поетско читање во кое на студентите им се придружи познатиот актер Благој Чоревски (22 март); литературното читање на младите автори застапени во поетската антологија „Ново раѓање на зборот“, според истоимената песна на Шопов (23 март); Државниот рецитаторски натпревар на ученици од основното и средното образование од целата земја, во организација на Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература, кој со учество на над 120 учесници годинава постигна историски рекорд (23 март); „диптисите“ во кои се воспостави дијалог меѓу поети од две различни генерации (23 и 24 март), како и денешниот настап на финалистите од конкурсот за урбана поезија „Скопје си ти“, кои ги пречека и поздрави Влада Урошевиќ… сиве овие настани покажаа дека лирскиот збор, преку ликот на Шопов, е вистински сврзник помеѓу минатото и иднината.

Кон зборовите на деканот, во книжарницата „Литература“, се надоврза Јасмина Шопова, потпретседателка на фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“, потсетувајќи дека иницијалната идеја на Фондацијата била да се одбележат осумдесет години од објавувањето на првата книга на македонски јазик во слободна Македонија, „Песни“ од Ацо Шопов, кој тогаш бил на возраст на која се денес финалистите од конкурсот „Скопје си ти“.

– Тимот на „Скопје Сити Мол“, предводен од Ебру Радевска, покажа дека има особено развиен слух за улогата што тој треба да ја игра во денешното општество и за потребата од нега на културното наследство. Заедно со Иван Антоновски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, кому му ги должиме и идејата за програмата и координацијата на нејзината изведба, тие, една релативно скромна идеја, заедно ја претворија во вистински празник на поезијата, нагласи потпретседателката на фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ и ќерка на поетот.

Најмладите беа на сцената, но беа и во публиката. Така во една од салите на „Синеплекс“, на 22 март, учениците од Медиумскиот клуб на основното училиште „Ацо Шопов“, имаа можност, заедно со возрасната публика, да ја проследат проекцијата и да учествуваат во разговорот со авторите на омнибусот „Небиднина“, четири анимирани филмови инспирирани од поезијата на Шопов, кои неодамна беа наградени како најиновативен проект во Билбао, Шпанија.

Здружувањето на силите и на компетенциите на повеќе партнери од јавниот и приватниот сектор даде одлични резултати и се покажа како ефикасен начин да ги сочуваме великаните на поетскиот збор во колективната меморија, афирмирајќи ги истовремено и младите таленти.

– Драго ни е што „Скопје Сити Мол“ се докажа не само како простор за размена на минливи материјални вредности, туку и како простор за размена на трајните вредности, како што е поезијата. Поезијата нема „рок на траење“, подвлече Ебру Радевска.

Ова беше прв настан од ваков вид во нашиот регион и пошироко, но не и последен. Откако се заблагодари на сите институции и организации што се вклучија во оваа манифестација и придонесоа за нејзиниот голем успех, Ебру Радевска изрази надеж дека во иднина ќе ни се приклучат и други, а со тоа најави дека „Деновите на поезијата“ ќе се одржат и догодина.

– Да, со ова обзнанувам: успеавме во нашата мисија и ве очекуваме повторно многубројни на Светскиот ден на поезијата во 2025 година, изјави директорката на „Скопје Сити Мол“.

Манифестацијата се затвори, како и што се отвори – со стихови од Ацо Шопов, во интерпретација на Никола Ристановски, кој ја сподели со публиката својата емоција.

 – Овде се чувствувам како свој на своето, не само затоа што живеам во близина на „Скопје Сити Мол“, туку затоа што сум опкружен со луѓе и енергија кои ми се приоритет во изминативе… многу години. Верувам во поезијата, не само како во дел од уметноста што ја работам, не само како коментар, како порив, како нечија интенција да се артикулира. Верувам во поезијата, како во нова реалност, како нешто што станува понекогаш поголема проза од животот. Совршената проза за мене секогаш била поезија, а совршената поезија, за мене секогаш станувала проза. Ќе се обидам да го аргументирам ова преку стихови“, изјави првенецот на Македонскиот народен театар, пред да ја прочита песната „Треба да бидеме подобри“ од Ацо Шопов.

Деновите завршија, но поезијата останува. Посетителите ќе продолжат и неделава да уживаат во стиховите испишани во импозантниот поетски декор на „Скопје Сити Мол“. Довидување догодина во исто време!