Додека сите нестрпливо ја чекаа трката во Формула 1 која се возеше во Монте Карло и на која славеше Макс Верстапен, се случи голем инцидент на таа патека, но во Формула 2. Имено, непосредно пред главната трка, австралискиот возач Џек Дуан излета во 21. круг од трката на Азурниот Брег откако ја загуби контролата над болидот при еден свијок, забивајќи се во заштитната ограда. На почетокот не изгледаше толку загрижувачки поради интензитетот на ударот и сличните инциденти што се случуваат години наназад, но се излажавме.

Болидите што минуваа зад возилото на Дуан за малку ќе удреа директно во него, бидејќи не го забележаа на кривината. Но, тоа не беше единствениот проблем, бидејќи само неколку секунди потоа, возилото почна да гори и само среќа го спаси Австралиецот жив да не изгори.

Неговата присебност во тие моменти го спасија од сигурна смрт. Штом го забележа чадот, почна да се извлекува од болидот, а откако успеа, веднаш ја прескокна заштитната ограда и полека почна да се шири голем пламен од неговото возило. Со противпожарни апарати успеаја да го изгаснат болидот пред целосно да изгори. Ова е само уште едно предупредување колку се опасни автомобилските спортови и дека понекогаш дури и безопасен судир може да предизвика штета каква што никој не очекувал.

Дуан е еден од најталентираните возачи во Формула 2 и вози за Виртус рејсинг. Минатата сезона, заврши на шестото место во генералниот поредок и дури се споменуваше дека може да добие шанса во Ф1, но оваа сезона воопшто не му оди. Освен второто место во Џеда, тој не се прослави на другите трки.