Дали некогаш сте размислувале да се преселите и да водите мирен живот во живописното село, да речеме на југот на Италија, каде што е топло во текот на целата година?

А, ако за тоа уште и ви платат?

Звучи навистина како остварување на сонот. За оние што ќе се одлучат, тој сон може да се оствари, пишува Си-Ен-Ен.

Регионот Калабрија планира да понуди до 28.000 евра во рок од најмногу три години на луѓето кои сакаат да се преселат во малите села со помалку од 2.000 жители со надеж дека ќе го запрат намалувањето на бројот на населението.

Ова вклучува локации покрај море или планина, па дури и обете истовремено.

Сепак, тоа не се пари кои лесно ќе бидат дадени. За да добијат финансиска помош, новите жители на селото мора да се обврзат да започнат нов мал бизнис, или од нула или со избор од претходно подготвени понуди за професии што им се потребни на овие места.

Апликантите мора да станат жители и не смеат да бидат над 40 години. Тие исто така мора да бидат подготвени да се преселат во Калабрија во рок од 90 дена од одобрувањето на нивната апликација.

Властите во регионот се надеваат дека ќе привлечат проактивни млади луѓе и милениумци желни за работа.

Џанлука Гало, регионален советник, за Си-Ен-Ен изјави дека месечните примања на овие млади луѓе ќе бидат во опсег од 1.000 до 800 евра во период од 2-3 години. Алтернатива е еднократна парична помош за започнување на нова комерцијална активност, без разлика дали станува збор за ресторан, фарма или отворање продавница.

„Имавме огромен интерес досега и се надеваме дека, ако првата шема успее, ќе има успех и во годините што доаѓаат“, изјави Гало за CNN.

Над 75 проценти од населените места во Калабрија имаат помалку од 5.000 жители, што предизвикува страв дека некои заедници може да изумрат за неколку години, освен ако населението не се обнови на некој начин.