ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Излез од проблемите

802

Општата дехуманизација и деградација на моралните вредности предизвика да не знаеме што да очекуваме и како да се поставиме пред искушенијата на животот. Не постои човек кој не ги почувствувал ударите на лошите животни ситуации и не се соочил со стравот, неизвесноста и дисхармонијата. Современиот начин на живеење создаде општа несигурност и страв од перспективите на иднината. Тоа предизвика негативните вибрации да бидат насекаде околу нас, така што колку и да сме ментално будни, аналитични и внимателни нема да успееме целосно да се дистанцираме од негативната енергија. Од друга страна, ако дозволиме стравот, малодушноста и зависноста од надворешните влијанија да ја завладеат нашата личност, многу тешко ќе се извлечеме од кризата и ќе постигнеме мир, среќа и напредок.

Решенија за проблемите има и тие не треба да се бараат надвор од нас, туку во подигнувањето на свеста и во духовниот темел на личноста. Клучот е да не се врзуваме за нештата од минатото; да научиме да се опуштаме; да се детоксицираме од лошите влијанија и фокусот да го насочиме кон сопствените потенцијали и вредности. Излезот ќе го пронајдеме во креирање на вредносните категории кои создаваат мотив, волја и дух за воспоставување на позитивната енергија и за ослободување од негативните влијанија на околината.

Секој човек различно пристапува кон нештата и на посебен начин ги утврдува приоритетите и целите на своето дејствување. За некого клучна вредност е љубовта, за друг кариерата, за трет семејството, за четврт создавањето материјален капитал, така што секој индивидуално одлучува и се насочува кон нештата што го прават среќен, смирен и исполнет. Но, постојат и општи вредности, без кои е невозможно вистински да ги почувствуваме мирот и среќата.

Најголемите вредности што секој од нас посакува да бидат присутни во неговиот живот се поврзани со доброто здравје, чистата совест и мирот со себеси. Кога сме психофизички здрави и имаме постигнато високо ниво на внатрешен мир, тогаш живееме опуштено, хармонизирано и зрачиме со позитивна енергија. За да ги воспоставиме овие вредности, неопходно е мудро да промислуваме и одговорно да се однесуваме кон самите себеси и кон перспективите на животот. Сепак, денес воопшто не е лесно да се постигнат овие вредности, бидејќи постојат многу фактори и околности кои можат да нè оддалечат од мирот и среќата.

Потребна е голема ангажираност и посветеност за да се ослободиме од лошите влијанија и бидеме среќни и исполнети. Од друга страна, не треба многу за да станеме несреќни и незадоволни од самите себеси и од околностите на животот. Доволно е константно да одржуваме комуникација со лица кои манифестираат негативност, фрустрација и незадоволство, па целосно да се дисхармонизираме на психофизички план.

Да се биде во мир со себе и да се сочува креативната енергија, виталноста и позитивниот дух се клучни за секој одговорен, доблесен и самосвесен поединец.

Состојбата на духот е креатор на сите нешта, така што ако се чувствуваме внатрешно празни, емоционално потрошени и психофизички исцрпени, тогаш парите или статусот нема да ја пополнат таа празнина и да нè направат среќни и исполнети. Позитивниот дух и виталноста се најскапоцените вредности кои ги движат нештата напред и помагаат во надминувањето на ограничувачките животни ситуации. Менталниот замор, недостигот на енергија и немањето волја за остварување на целите го забавува нашето напредување. Мудро трошење на својата енергија; елиминирање на наталожените проблеми; ослободување од илузиите за вредноста на некои лица и ситуации; невлегување во односи кои можат психофизички да не исцрпат, се само дел од активностите кои треба да ни помогнат да постигнеме мир со себе и да се отвориме за позитивната ориентација во животот.

Освен што треба да  внимаваме во односите со непријатните и заморни луѓе кои ни ја земаат енергијата, неопходно е да не бидеме опсесивно „врзани” за своите мобилни телефони, зависни од електронски пораки, постојано активни на социјални мрежи, подложни на лоши вести на телевизија и радио, бидејќи сите овие нешта можат да не исцрпат на психофизички план.

Да се биде во мир со себе и да се сочува креативната енергија, виталноста и позитивниот дух се клучни за секој одговорен, доблесен и самосвесен поединец. Разочарувањата во другите, злоупотребената добрина, погрешно споделените емоции, психофизичкиот замор и личната несигурност ќе бидат сведени на минимум ако внимателно пристапуваме и сè преиспитуваме. Без селективно и аналитичко однесување постојано ќе учиме тешки животни лекции и ќе бидеме лесна мета на енергетските вампири. Таквите поединци имаат опсесивна потреба да ја цицаат туѓата енергија и да бараат другиот постојано да им биде на услуга. Енергетската податливост, надополнета со константно одржување блиска релација со овие лица може сериозно да ја загрози здравствената состојба на нашата личност. Освен што треба да  внимаваме во односите со непријатните и заморни луѓе кои ни ја земаат енергијата, неопходно е да не бидеме опсесивно „врзани” за своите мобилни телефони, зависни од електронски пораки, постојано активни на социјални мрежи, подложни на лоши вести на телевизија и радио, бидејќи сите овие нешта можат да не исцрпат на психофизички план.

Неретко причина за доживеаните негативни емоции се и болките и страдањата низ кои поминуваат блиските. Доволно е некој од нив да се соочува со тешка животна криза и таквата состојба и нам да ни создаде емоционална ранливост, немир и енергетска дисхармонизираност. Проблем е и кога имаме превисоки очекувања и тежнееме сè да биде идеално. Копнеејќи по совршеното, несвесно се оддалечуваме од мирот со себе и не уживаме во мигот на сегашноста. Ако кон тоа го надоврземе и чувството на вина или грижата на совест поради грешките во минатото, тогаш дополнително ќе ги дисхармонизираме своите емоции. Емоционалниот отров и живеењето со навредите што некои лица ни ги нанеле во текот на животот, се уште еден показател дека ќе мора многу да работиме на хармонизирањето на својата личност и на подигнувањето на енергијата во насока на оптимизмот, волјата и подготвеноста за ослободување од неубавите искуства на минатото.

Исклучителна мудрост е да умееме да се дистанцираме од негативните вибрации и да не дозволуваме лошите енергии да ги оптоварат нашите емоции.

Соочени со разни борби и неизвесности, ограничени од многу притисоци и тешкотии сите ние сме принудени да трпиме разни удари од надворешната средина. Проблемите често се наметнати од надвор, но тие се плод и на нашите погрешни убедувања, негативни пристапи, лични разочарувања, стравови и неподготвеност за иницирање вистински промени во животот. Излезот од сите овие нешта ќе го пронајдеме ако станеме сочувствителни кон самите себе и почнеме да работиме на подигнување на духовната вредност на сопствената личност.

Никој не е совршен за да знае секогаш и во сè да постапува мудро, прецизно и внимателно. Понекогаш ударите на судбината пристигнуваат со цел да нé научат да се цениме самите себе и повеќе да внимаваме на состојбата во која се наоѓа нашата душа. 

Да се биде сочувствителен кон самиот себе значи: да не се притискаме дека експресно ќе имаме решение за проблемите; да си дадеме можност за грешка, но и волја да ја поправиме таа грешка; да пронајдеме време кое ќе си го посветиме на самите себе; да ги утврдиме приоритетите и да не напнуваме дека мора сé да биде завршено во најбрз можен рок; да му кажеме „не” на сопственото его и на ниските страсти, ослободувајќи се од нештата кои може да ја заробат нашата душа и да го завладеат нашето тело; да одбиваме постојано да слушаме туѓи жалопојки; да ги избегнуваме лицата и ситуациите кои нè полнат со негативна енергија; да иницираме добро дело; со љубов и внимание да се однесуваме кон сопствената душа; да патуваме, да се едуцираме, да се радуваме, да се одмораме и да се ориентираме кон позитивната енергија.

Никој не е совршен за да знае секогаш и во сè да постапува мудро, прецизно и внимателно. Понекогаш ударите на судбината пристигнуваат со цел да нé научат да се цениме самите себе и повеќе да внимаваме на состојбата во која се наоѓа нашата душа.

Излезот од проблемите започнува со разумно и позитивно постапување и со осознавање дека ништо не е поважно од мирот со себе и хармонијата на душата.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)