ЕПИДЕМИЈАТА СО КОВИД-19 ВО ВТОРА ФАЗА, ЧОВЕЧНОСТА Е НА ТЕСТ:Коронавирусот не ги поштеди ни децата во Македонија, до деветгодишна возраст 18 заразени

Според министерот за здравство Венко Филипче, за среќа, кај сите  деца клиничката слика е лесна и немало потреба од подолга хоспитализација. Тој  информира дека на Инфективна се хоспитализирани 70 лица, од кои осум се пациенти на механичка вентилација и десет се со потешка клиничка слика, а останатите се со среднотешка манифестација на болеста

341

Додека земјава се наоѓа во вонредна состојба и кога е прогласена епидемијата дијагностицирани се 18 деца до деветгодишна возраст со коронавирус. Според министерот за здравство Венко Филипче, за среќа, кај сите нив клиничката слика е лесна и немало потреба од подолга хоспитализација.

По случајот со родилката од Куманово кај која беше дијагностициран ковид-19 на Гинеколошко-акушерската клиника во Скопје се тестираат сите кои имаат симптоми на коронавирусот.

-Постои целосно изолирана патека за родилките кои се позитивни на коронавирусот. Целосно се опремени лекарите и медицинските сестрите се тестираат оние од персоналот кај кои има симптоми, рече Филипче.

Што се однесува до Клиниката за инфективни болести во Скопје таа функционира нормално, бидејќи освен заразениот техничар сите други се негативни на вирусот.

Бидејќи заедно со бројот на излекувани пациенти, расте бројот и на починати кој достигна 24 лица, во неколку наврати во јавноста се поставуваше прашањето дали е безбедно нивното погребување. Во Владата засега не се размислува за кремирање на починатите од ковид-19. Министерот Филипче појасни дека за погребување на починатите постои соодветен протокол и нема ризик за присутните на чинот на погребување.

Во земјава во последните 24часа се регистрирани уште 29  нови случаи на пациенти со коронавирус и тоа во повеќе градови  во земјава. Со тоа вкупниот број на дијагностицирани достигна 599.

На Клиниката за инфективни и фебрилни состојби во Скопје починаа 4 пациенти заболени од коронавирус: пациент од Куманово (52г), пациентка од Лабуништа-Струга (65г), пациентка од Челопек – Тетово (62г) и една пациентка од Штип (81г). Во Куманово дома почина уште еден пациент потврден на вирусот на возраст од 53 години.

Министерот Филипче информира дека на Инфективната клиника се примени десет нови пациенти и сега вкупно се хоспитализирани седумдесет, од кои осум се пациенти на механичка вентилација и десет се со потешка клиничка слика, а останатите се со среднотешка манифестација на болеста.

Се хоспитализираат веќе пациенти во 8 Септември, во болницата во Битола, Штип и Охрид. Досега 599-те дијагностицирани ги има во 18 македонски градови и тоа во Скопје, Куманово, Дебар, Штип, Прилеп, Тетово, Струга, Велес, Битола, Охрид, Кавадарци, Гостивар, Гевгелија, Струмица, Крива Паланка, Радовиш, Крушево и во Кочани.

Министерот Филипче нагласува дека само социјалната дистанца ќе стави крај на патот на ширење на вирусот. Тоа сега ни е најпотребно во интерес на нашето здравје и на нашите блиски, рече Филипче, апелирајќи да се почитуваат мерките зашто само така ќе се надмине заразата и здравствениот систем ќе остане стабилен.

Пациентите на домашно лекување со два негативни теста се сметаат за излекувани

За пациентите на домашно лекување важи истиот алгоритам како и за хоспитализираните, односно и тие треба да имаат два негативни теста за да се сметаат за излекувани, укажа министерот за здравство Венко Филипче.

– За секој пациент, без разлика дали се наоѓа во домашни или во болнички услови важи истиот алгоритам да се направат два негативни теста. Значи, истото што важи за хоспитализираните пациенти, важи и за оние на домашно лекување. Согласно достапноста и местото на живеење, ќе се организираат брисевите за да се докаже дали овие пациенти се негативни или сè уште се носители на вирусот, појасни Филипче.

За лицата кои се астматичари апелираше за сè што е потребно да се консултираат со матичните лекари. Во однос на тоа дали постои сличност меѓу симптомите на астма и коронавирусот, појасни Филипче дека има сериозна разлика меѓу двете болести односно оти за ковид-19 карактеристична е фебрилната состојба и сувата кашлица.

Д-р Микиќ: Претпоставка е дека вакцинираните со БСЖ се поотпорни на ковид-19

Постојат претпоставки дека лицата кои ја примиле БСЖ-вакцината се поотпорни на коронавирусот. Ова сознание е дел од една анализа која деновиве се подготвува во Австралија. Како што појасни д-р Владимир Микиќ од Институтот за јавно во нашиот регион, односно на Балканот и нашата држава, оваа вакцина сè уште се дава.

-Претпоставката е дека како имуномодулатор оваа вакцина можеби делува на зголемување на отпорноста на новиот вирус ковид-19, сепак, сè уште се работи за рана фаза од овие испитувања за да се донесе конкретен заклучок или пак да се препорача како мерка за масовна употреба, истакна Микиќ.

 Дијагностицирање и лекување од коронавирусот на товар на ФЗО и за осигуреници со нередовно уплаќан придонес

На осигурениците на кои им се ускратени правата од задолжителното здравствено осигурување поради нередовно уплаќан придонес или уплатата на придонесот задоцнила повеќе од 60 дена, односно имаат долг за неплатен придонес, можат во здравствените установи да користат здравствени услуги поврзани со дијагностицирање и лекување од коронавирусот ковид-19 на товар на средствата на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија.

Ова е Уредбата со законска сила за примена на Законот за здравствено осигурување за време на вонредна состојба што ја донесе Владата на денешната 36-та седница.

Уредба за лекување од ковид-19 на товар на Фондот, се однесува и на државјаните на Македонија кои не се задолжително здравствено осигурани по ниту еден основ.

Риза: Во земјава нема тестови за коронавирус кои не се регистрирани во МАЛМЕД

Во земјава нема тестови за коронавирус кои не се регистрирани во Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), вели директорката на МАЛМЕД, Висаре Риза.

Таа информираше дека се користат тестовите за одредување на присуство на вирусот и тестовите за присуство на антитела.

– Покрај тестовите кои служат за одредување на присуство на вирусот во организмот, постојат и тестови кои се имунолошки и кои може да го утврдат присуството на антитела. Едно правно лице има доставено до МАЛМЕД барање за запишување во регистарот и постапката е во тек, појасни Риза.

Уште 14 дена самоизолација за граѓаните по државниот карантин

Препораките кои се од стручни луѓе од епидемиолозите е дека лицата кои доаѓаат од странство треба да останат во државен карантин 14 дена, меѓутоа треба дополнително да бидат во самоизолација во домашни услови уште 14 дена од едноставна причина – заради тоа што биле во колективни центри за државен карантин.

– Одлуката на Владата за државниот карантин е една од најисправните одлуки во справувањето заради тоа што на тој начин придонесуваме да се прекине ширењето на вирусот и не ги ставаме во ризик ниту оние луѓе кои допатувале од ризични држави, ниту граѓаните што се наоѓаат во нашата земја. Затоа се определија центрите за државен карантин, појасни премиерот Оливер Спасовски.

(В.Ма.)