Елмас ќе му асистира на Ибракадабра

109

Најдобриот шведски фудбалер, Златан Ибрахимовиќ, би требало да се врати во италијанската Серија А и да потпише договор со калчолигашот Наполи, изјави сопственикот на „азурите“, Аурелио де Лаурентис.

Контроверзниот сопственик на Наполи експресно реагираше на изјавата на Ибракадабра дека сака да се пресели на југот од Италија. Де Лаурентис откри дека се ќе биде познато за неколку месеци, откако шведскиот интернационалец ќе стави крај на соработката со американскиот клуб Лос Анџелес Галакси.

Ибракадабра пред неколку дена вечерал со сопственикот на „азурите“ и за време на средбата се дискутирало и за евентуалната преселба на „Сан Паоло“.

  • Ибрахимовиќ ми е пријател. Имав приватна средба со него во Лос Анџелес. Бевме сместени во ист хотел. Го повикав на вечера и тој дојде со неговата фамилија. Си поминавме прекрасно. Можам да кажам дека мојот предлог е повеќе од сугестија. Сега се зависи од него. Ќе разговараме за неколку месеци, изјави Де Лаурентис за „Скај Спорт Италија“.

Златан е познат и како еден од најдобрите голгетери во историјата на италијанската Серија А. Во минатото го носеше дресот на Јувентус, Интер и на Милан, а со голем успех ги бранеше и боите на Ајакс, Барселона, ПСЖ и на Манчестер Јунајтед.