ЕК: Се противиме на летање празни авиони

110

Европската Комисија денеска одговори на критиките на авиокомпанијата Луфтханза за правилата на ЕУ во однос на редовите на летање во контекст на новиот сој омикрон, јави дописничката на МИА од Брисел.
Луфтханза обвини дека ЕУ правилото според кое идните редови на летање се калкулираат врз основа на оние од претходните години доведува до ситуација да мора да летаат авиони без патници.
Европската Комисија денеска одговори на овие критики без јавно да ја именува компанијата.
-За Европската Комисија се разбира дека празните летови се лоши за економијата и за животната средина, и поради тоа од почетокот на пандемијата презедовме мерки за да избегнеме празни летови, изјави портпаролот Стефан Де Керсмакер.
Тој објасни дека правилото според кое една авиокомпанија треба да искористи 80 отсто од закажаните редови на летање во една сезона за да ги задржи следната година било целосно укинато на почетокот од пандемијата за потоа постепено да се зголеми стапката повторно, но само на 50 отсто.
-Сметаме дека ова е разумно бидејќи гледаме зголемување на бројот на летови, изјави портпаролот.
Покрај ова, рече тој, Комисијата вовела и можност за авиокомпаниитЍ да не го користат редот на летање доколку има сериозни ограничувања во одредена земја поради здравствената состојба.
Неофицијално во Европската Комисија експертите поостро ја критикуваат компанијата Луфтханза и велат дека таа е единствената компанија што се пожалила на ова правило иако е далеку над стапката од 50 отсто.
-Луфтханза лета 61 отсто од своите авиони во споредба со 2019 година, што е далеку над прагот од 50 отсто, така што не гледаме зошто Луфтханза би требала да лета празни авиони за да задржи ред на летање.
Притоа во Европската Комисија немаат „никаков доказ“ дека Луфтханза навистина летала празни авиони.
-Луфтханза откажа летови за кои имаа продадено билети, ова го прават затоа што приходот не е толку висок како што би сакале, но тоа не значи дека мора да го прават тоа за да го задржат редот на летање, обвинува Брисел, кој тврди дека сѐ е сторено од нивна страна за да се избегне ситуација на празни авиони.
Комисијата ги отфрла обвинувањата дека празните летови се последица на правилата на ЕУ и останува на ставот дека ова се строго комерцијални одлуки.