Д-р Харис Бабачиќ, магистер по епидемиологија, е научникот кој од далечната Шведска паралелно ја следи и епидемиолошката состојба со ковид-19 во Македонија. Магистрирал епидемиологија на Универзитетот во Минхен, Германија, а сега истражува на полето на протеомика и протеогеномика како докторанд на Институтот Каролинска во Стокхолм, Шведска, која денес повеќе од една година од почетокот на пандемијата има деветта најголема стапка на заразеност во Европа и шеста најмала стапка на смртност на континентот според податоците на Европскиот центар за превенција и контрола на болеста.  Дипломирал медицина на Медицинскиот факултет во Скопје, како првенец на својата генерација. 

Со д-р Бабачиќ, ексклузивно за весникот ВЕЧЕР, разговараме за актуелните случувања со новите соеви на вирусот, вакцинацијата, како и надежите за излез од оваа скапо платена битка за живот, за нормален живот и здравјето на луѓето.

 

Весна МИЌИЌ БОЖИНОВСКА

 

Докторе, што се случува со светот, со каков вирус се соочени луѓето и зошто тој толку брзо мутира?

Се соочуваме со вирус од семејството коронавируси наречен SARS-CoV-2 кој предизвикува т.н. коронавирус болест 2019 (ковид-19), која може да биде смртоносна кај одредени групи луѓе. Никој од нас немал имунитет кон вирусот пред да се појави, што доведе до брзо ширење низ целиот свет и голем број заразени и починати.

Главна цел на вирусот е да се намножи и за тоа е потребно да навлезе во жива клетка на домаќин (во случајов човек), при што ја киднапира машинеријата на клетката за да го прекопира својот генетски материјал. При копирањето на генетскиот материјал на вирусот постојано настануваат грешки и така вирусот мутира, а тие нови промени во некој ген на вирусот ги нарекуваме мутации. РНК вирусите имаат тенденција побрзо да мутираат од вирусите чиј генетски материјал е во форма на ДНК, а таков е и SARS-CoV-2. Колку повеќе луѓе ќе се заразат, толку повеќе шанси има вирусот да се прекопира и притоа да настане некоја мутација.

Колку мутации се досега регистрирани во светот, што вели науката?

Различните верзии на еден ген ги нарекуваме варијанти. А кога тие варијанти се нови или ретки ги нарекуваме мутации. Десетици илјади мутации на SARS-CoV-2 се регистрирани ширум светот. Повеќето мутации во гените не ја менуваат структурата на вирусните протеини, па со тоа немаат некакво влијание врз способноста на вирусот да се шири или предизвика болест. Со други зборови, рецептот за протеините во гените е напишан поинаку, но го дава истиот протеински продукт.

Но, кога мутациите ќе доведат до промена во структурата на некој протеински продукт на вирусот, особено неговиот површински протеин S, тогаш се загрижувачки за нас. Причината е во тоа што мутациите кои би го смениле протеинот S можат вирусот да го направат позаразен или непрепознатлив за имуниот систем. А тоа би можело да има последици и за ефикасноста на вакцините, од кои повеќето индуцираат имун одговор токму кон тој протеин. Еволутивно, оние мутации кои ќе овозможат полесно и побрзо ширење на вирусот имаат предност пред другите, па можат да станат доминантни варијанти во популацијата и тоа сериозно може да ја отежни супресијата на вирусот. Некогаш мутациите се акумулираат, па некоја вирусна варијанта може да има повеќе мутации. Вирусните варијанти поврзани со некаков исход, како што е полесно пренесување, потешка болест, можност за реинфекција или поголема отпорност кон лекови или вакцини, ги нарекуваме соеви.

Засега постојат докази дека неколку вирусни варијанти се поврзани со поголема заразност, можеби потешка клиничка слика и можеби послаба ефикасност на вакцини и третман, како што се британската варијанта B.1.1.7, јужноафриканската B.1.351, бразилските P.1 и P.2 и калифорниските B.1.427 и B.1.429, кои можеме да ги наречеме и соеви. Покрај нив, се следат и истражуваат и други варијанти, но засега нема појава на некоја алармантна варијанта која сериозно би ги нарушила глобалните планови за справување со SARS-CoV-2.

Во Македонија речиси целосно доминира британскиот сој кој, според заразноста и клиничката слика што ја дава, е многу поопасен од претходната варијанта на коронавирусот. Но, според најновите информации на светот сега му се заканува бразилскиот сој кој, наводно, е закана за целото човештвото, а истиот е веќе во нашето соседство, односно во Србија. За каков сој се работи, дали е поопасен од британскиот?

Премногу едноставен е наративот дека тежината на третиот бран во Македонија се должи само на британската варијанта. Британската варијанта B.1.1.7 е поврзана со полесно ширење и побрза репликација, па тоа може да доведе до поизразени симптоми и подолга болест. Можеби дава потешка клиничка слика, но тоа може и да се должи на тоа што кога имате поголем број заразени, доколку не го подобрите системот на детекција, фокусот ќе ви биде на детекција на потешки случаи од кои пропорционално ќе имате поголем број на смртни случаи. Тоа може да доведе до навидум поголем број починати од детектираните или поголем број пациенти со потешка болест во болниците, а всушност да се должи на системска грешка во набљудување. Сепак, има докази кои укажуваат дека можеби е и посмртоносна. Иако МАНУ потврди дека варијантата е доминантна во македонската популација, сепак сметам дека голем удел во тежината на третиот бран има и ненавременото преземање мерки и недоволна детекција на случаи од институциите. Лабораториските испитувања покажуваат дека антителата индуцирани од вакцината на Pfizer/BioNTech и Moderna се слично ефикасни кон оваа варијанта, а вакцината на AstraZeneca нешто помалку, но сепак ефикасна. А изгледа дека има минимална отпорност кон третманите со моноклонални антитела и конвалесцентна плазма од дарители.

Бразилскиот сој за кој повеќе се зборува деновиве е сојот P.1, кој први пред неколку месеци го открија Јапонците кај една група луѓе која се вратила од патување од Бразил. А сега веќе е стигнат и во Европа, има и потврда дека е пристигнат во Србија, не е чудно наскоро да биде детектиран и во Македонија. Доколку пристигне во Македонија би се натпреварувал со британскиот сој и доколку стане зачестен тоа би било индикација дека можеби е позаразен од него. Носи мутации сретнати во британската и јужноафриканската варијанта – D614G, N501Y и E484K. Има индикации дека е позаразен од стандардната варијанта, но доказите дека е посмртоносен се слаби. Првичните лабораториски испитувања покажуваат дека антителата индуцирани од вакцините на Pfizer/BioNTech, Moderna и AstraZeneca се ефикасни и кон оваа варијанта, но нешто послаби.

Треба да имаме на ум дека ова се првични лабораториски испитувања само на антитела и не значат дека вакцините ќе бидат неефикасни кон новите варијанти. Шилестиот протеин S кон кој вакцините индуцираат имун одговор е релативно долг протеин и кога бива разграден од имуниот систем во телото имуниот систем создава одговор кон различни делчиња од тој протеин на два начина – преку антитела и преку имуни т.н. Т-клетки. Така што имуниот одговор во реалност, во жив човек, може да биде и подобар отколку што покажуваат експериментите со неутрализација на вирусот во лабораторија. Мислам дека наскоро ќе го дознаеме и тоа.

Дали е реално да очекуваме некој нов супер сој, кој би бил уште посмртоносен и на кој не би делувале постоечките вакцини?

Секое забавување во масовната имунизација со вакцинација му дава повеќе шанси на вирусот да мутира во некоја нова варијанта која би била позаразна или посмртоносна или поотпорна. Доколку би настанала толку голема мутација во генот за површинскиот вирусен протеин S да имуниот систем кај повеќето луѓе не може да го препознае, односно појава на нов серотип, тоа би било загрижувачки. Тогаш би биле на ризик од реинфекција со нов сој и би морале одново да ја вакцинираме популацијата со редизајнирана вакцина.

Што би бил излезот во таква ситуација, се размислува ли на научно ниво на оваа нова можна закана по човештвото?

Појавата на еден нов серотип не е катаклизмично сценарио. Охрабрувачки е тоа што новите вакцини создадени со модификација на вирусниот геном овозможуваат брзо и лесно да се редизајнира вакцината. Веројатно во такво сценарио би вовеле бивалентна вакцина. И тоа би било ОК доколку се јават уште неколку серотипови, па би давале повеќевалентни вакцини… Но, доколку настанат десетина, тогаш би имале проблем и предизвик да ја вакцинираме популацијата кон сите серотипови.

Сепак, не треба така лесно да се сфати сценариото со појава на еден или неколку серотипови бидејќи повторно би имале голем број луѓе подложни на инфекција, а ќе треба време да се произведат и да се дистрибуираат нови вакцини. Постои загриженост во научната фела за ваквите сценарија, но сметам дека сите многу научивме од оваа пандемија и би биле поподготвени доколку се случи такво нешто. Клучната разлика во такво сценарио би одиграле новите лекови за третман на ковид-19.

Какви се прогнозите кога е во прашање натамошното ширење на коронавирусот во светот? 

Додека не вакцинираме некои 75% проценти од населението, вирусот ќе продолжи да се шири. Ако базичниот репродуктивен број се покачи уште повеќе поради некоја нова варијанта, можеби ќе мора да вакцинираме и повеќе. Доколку тоа успееме да го направиме оваа година, одлично.

Тоа не значи дека одеднаш вирусот ќе го ерадицираме, т.е. целосно отстраниме со вакцинација, но епидемијата ќе сопре и смртноста драматично би се намалила; т.е. смртноста драматично ќе се намали и ако вакцинираме некои 25% од населението, со фокус на ранливите групи. Потоа главно постојат три сценарија. Едното е да се јавуваат кумулативни промени во структурата на вирусот секоја година, но да има ограничен број на варијанти кои во студените месеци од годината би предизвикале повеќе случаи на ковид-19, нешто како грип; другото е всушност да развиеме долготраен и силен имун одговор по прележување или вакцина кој би траел со години или децении и спорадично да имаме случаи и третото, најстрашно сценарио, постојано да се јавуваат нови серотипови кои имуниот систем нема да ги препознае и да бидеме повторно на ризик од реинфекција. Мислам дека од она што го знаеме за останатите човечки коронавируси како и коронавирусите кај другите видови, третото сценарио е малку веројатно. Второто сценарио е поверојатно и посакувано, но можни се различни сценарија и треба да бидеме подготвени за тоа.

Како го оценувате досегашниот тек на вакцинација во светот?

Повеќето земји сега се соочуваат со бавно производство и недостапност на вакцините. Богатите држави, поконкретно Израел, Обединетото Кралство и САД, покажаа сериозен недостаток на солидарност во споделувањето на вакцините. На почетокот беше разбирливо – секоја влада сака да го заштити првично својот народ и своите најранливи групи. Но доаѓаме до момент кога вакцинирањето на помладата популација во тие земји не е толку исплатлива во број на спасени животи колку што би била во земјите со ниска стапка на вакцинација. На пример, Обединетото Кралство се наближува до моментот кога би требало да вакцинираат околу 47.000 луѓе под 50 години за да спасат еден живот во таа подпопулација, наспрема ефектот во држава како Македонија каде сега имате голем број стари лица невакцинирани и вакцинирајќи околу 300 лица над 75 години спасувате еден живот во таа подпопулација. Разликата е огромна и веќе станува неетички овие земји да ги вакцинираат своите млади додека голем број постари лица во другите земји умираат.

Колку се добри постоечките вакцини и колку време ќе штитат? Има ли вакви сознанија во научната фела?

Засега покажуваат одлична ефикасност и прилично безбеден профил. Можеме да потврдиме само за времето колку што се испитувани – а тоа се некои 6-9 месеци, зависно од вакцината. Траењето на имуниот одговор е веројатно подолго, но принципот во науката е додека не го согледаме тоа, не можеме да гарантираме за иднината.

Дали можеме да кажеме кои се рани детектирани несакани ефекти, а кои би можеле да бидат подоцнежните?

Раните несакани ефекти се најчесто блага локална болка, црвенило, оток, поретко малаксаност, главоболка или покачена температура… Тоа се краткотрајни и незначајни ефекти кои се јавуваат затоа што имуниот систем бива активиран за да создаде одговор кон вирусот. Не очекувам да постојат некои сериозни подоцнежни ефекти, но доколку настанат би биле многу ретки и можеби од некаква автоимуна природа. Сепак, јавноста треба да знае дека вакцините се следат многу сериозно од регулаторните агенции и научната фела и штом би имале било каква индикација за тоа, јавноста ќе биде транспарентно информирана.

Вонредни истражувања се правени за вакцината на AstraZeneca. Колку е таа безбедна и зошто беа потребни дополнителни истражувања од ЕМА?

Вакцината на AstraZeneca е дадена на неколку десетици милиони луѓе и е прилично безбедна вакцина, а и Европската агенција за лекови (ЕМА) ја потврди нејзината ефикасност и безбедност. Дополнителните испитувања беа затоа што кај многу мал број луѓе, неколку десетици случаи на преку 30 милиони вакцинирани, се јавиле тромботични настани со тромбоцитопенија, состојба која е предложено да се именува како протромботична имуна тромбоцитопенија индуцирана од вакцина (ПИТИВ). За споредба, на милион ковид-19 случаи, околу 190 илјади луѓе имаат некаков тромбоемболичен настан, од кои некои 20% умираат. Иако сè уште точно не е разјаснет механизмот на кој би настанал т.н. ПИТИВ, ЕМА наведе дека состојбата можеби се должи на вакцината и треба да се наведе како многу редок несакан ефект. Слични несакани ефекти се пријавени и за вакцината на Johnson & Johnson, која е градена на многу сличен принцип како вакцината на AstraZeneca. Можно е да постојат некакви многу ретки несакани ефекти и кај другите вакцини, а да не биле детектирани.

Овие несакани ефекти се толку ретки што се неспоредливо мали наспрема ризиците кои ковид-19 ги носи, особено кај лицата над 65 години. Ризикот да ви се случи таков редок настан по вакцина е помал од ризикот воопштено да имате тромбоемболичен настан и без да ја примите вакцината. Тоа е така и кај помлади од 40 години, кај кои ризикот за тромбоемболија е 1 на 10.000 и без вакцина против ковид-19.

На крај, и да се случи таков редок настан како резултат на вакцина, оваа состојба може да се третира и битно е навремено да се препознае. Затоа доколку имате некаков симптом кој трае по третиот ден од вакцинација, јавете се на лекар.

 Дали луѓе кои прележале корона треба да се вакцинираат? 

Нема никаков проблем оние кои прележале ковид-19 да се вакцинираат месец дена откако ќе се опорават од болеста. Но, тие веќе имаат имун одговор и од солидарност можат да причекаат, а сега да се вакцинираат оние кои воопшто не дошле во контакт со вирусот и немаат имунитет. Откако секој што немал ковид-19, а сака да се вакцинира ќе добие шанса да се вакцинира, тогаш би било корисно оние што прележале да примат барем една доза од вакцината за зајакнување на имунитетот. Тогаш вакцината би служела како потсетник на имуниот систем како изгледа вирусот и би создала подолготраен имун одговор.