Евтината тарифа ја укинаа за една минута, а ќе ја враќаат со месеци

Не престануваат поплаките од граѓаните кои сè уште не добиле евтина струја. Велат како можеа да ја укинат за еден ден, а сега за враќање им треба неколку месеци. Од Организацијата на потрошувачи, пак, велат дека последниов месец до нив стигнале повеќе поплаки од граѓани кои не добиле евтина струја. Ветувањето од Владата дека од 1 декември ќе има евтина струја, очигледно не важи за сите. Од ЕВН објаснија дека ќе биде потребно време, бидејќи приспособувањето на секое поединечно броило е рачно. Ова ги потврди прогнозите на енергетските експерти дека и до март наредната година екипите на ЕВН нема да успеат да ги сетираат сите 820 илјади броила, од кои дури 650 илјади се обични за кои е потребна рачна манипулација

411

Не престануваат поплаките од граѓаните кои сè уште не добиле евтина струја. Велат дека како можеа да ја укинат за еден ден, а сега за враќање им треба неколку месеци. Од Организацијата на потрошувачи велат дека последниов месец до нив стигнале повеќе поплаки од граѓани кои не добиле евтина струја. Ветувањето од Владата дека од 1 декември ќе има евтина струја очигледно не важи за сите. Од ЕВН објаснија дека ќе биде потребно време, бидејќи приспособување на секое поединечно броило е рачно.

-Од 1 декември се воведе евтина струја, но не за сите. Од ЕВН потврдија дека не е направено ресетирање на броилата на сите граѓани. Според нас како ОПМ ова е нееднаков третман кон сите граѓани, бидејќи дел од потрошувачите имаат евтина струја, а дел немаат можност истата да ја користат од 1 декември. Веќе помина речиси еден месец откако почна да се применува, а проблемот не е решен, вели за весникот ВЕЧЕР, Мартина Грнчаревска, од Организацијата на потрошувачи на Македонија.

Дел од потрошувачите не знаеле дека немаат евтина струја и трошеле повеќе во периодот од 13 до 15 часот, поради тоа сметките им биле повисоки. Поради тоа, од ОПМ сметаат дека ЕВН треба да побрза со сетирање на броилата за да нема уште повеќе незадоволни граѓани.

-Има повозрасни потрошувачи кои не знаат самостојно на саатот да проверат дали имаат евтина струја и не знаат дали да трошат повеќе струја во периодот од 13 до 15 часот за да не им биде наплатено повеќе, објаснува Грнчаревска.

Ова ги потврди прогнозите на енергетските експерти дека и до март наредната година екипите на ЕВН нема да успеат да ги сетираат сите 820 илјади броила од кои дури 650 илјади се обични за кои е потребна рачна манипулација.

-Не верувам дека и до март ќе ја вратат евтината дневна тарифа. Мислам дека тоа што екипите на ЕВН нема да можат да дојдат до броилата е само изговор за уште повеќе да се помести враќањето на евтината дневна тарифа. Како можеа да ја укинат за една минута, а сега за враќање им е потребно шест месеци до една година, изјави тогаш енергетскиот експерт Ѓорѓи Манасков.

Во меѓувреме се чека одговор на прашањето дали македонските граѓани ќе плаќаат поскапа струја. Новата цена на струјата ќе стартува од 1 јануари, а дали ќе се прифати барањето за поскапување од 27 отсто од енергетските компании, ќе се знае идната недела.

Инаку од 2024 година пресметките за цената на електричната енергија ќе ги прави ЕВН, но последниот збор за цената ќе го има Регулаторната комисија за енергетика, која ќе прави надзор на пресметките.

(А.С.)