Духот на Аки Рахимовски ќе биде присутен на концертот во неговото сакано Скопје! ЕКСКЛУЗИВНО  за ВЕЧЕР со Хусеин Хасанефендиќ-Хус, водачот на рок-групата „Парни ваљак“, пред настапот на 18 мај, во „Јане Сандански“

80

Популарниот ексјугословенски и хрватски рок-бенд „Парни ваљак” ќе одржи концерт во Скопје, на 18 мај оваа година, во спортскиот центар „Јане Сандански“. Настанот е во организација на „Авалон продукција“, а „Парни ваљак” доаѓа со новиот вокалист, Игор Дрвенкар. Тој стана пејач на групата по ненадејната смрт на легендарниот рок-вокалист Аки Рахимовски, кој четири децении беше нејзин препознатлив глас. По тој повод, за весникот ВЕЧЕР, разговаравме со музичарот, композитор и шеф на „Парни ваљак“, Хусеин Хасанефенфиќ-Хус.

0 Хус, најнапред честитки за добивањето на престижната хрватска музичка награда за животно дело – „Порин“, награда за тебе и за групата „Парни ваљак“, награда добиена од професионалната фела. Што претставува оваа награда за тебе, дали е сатисфакција за минатиот труд, затворање на еден 50-годишен музички круг или поттик за понатамошна работа, за понатамошни успеси?

– Ви благодариме за честитките. Убаво е чувството затоа што е професионална награда, а секој заслужува професионално признание. Во нашиот случај, можеби, дојде малку рано, повторно сме во некаков моментум, но тоа, секако, е поттик за понатамошна работа. Не мислиме наскоро да ја напуштиме музичката сцена. Затоа очекувајте од нас уште многу убави песни.

-0 Веќе работите на подготовките за 20. студиски албум на „Парни ваљак“, во меѓувреме трите сингла  со Игор многу добро котираа на топ-листите. Што може да очекува публиката од овој јубилеен албум?

– Да, работиме на албумот и се надеваме дека ќе ги потврди сите причини поради кои решивме да продолжиме понатаму за да го отвориме ова ново поглавје на бендот. Создаваме за себе, но важно ни е да добиеме одобрение од публиката. Публиката е конечниот судија за тоа кои песни се добри, а кои не.

 0 На 18 мај 2024 година, „Парни  ваљак“ ќе настапи во Скопје, каде што секогаш правеше спектакуларни  концерти. Не се сомневам дека и овој пат ќе биде тоа така, само што сега ќе го нема Аки на сцената. Веројатно, концертот ќе биде не само голема одговорност за вас туку  и прилично емотивен за тебе, за бендот, за публиката

– Македонците се исклучително музички надарена нација и секогаш е предизвик да се одржи добар концерт во Македонија, особено во Скопје. Сега, без Аки, одговорноста е поголема, богами и стравот е голем. Да не зборуваме за емоциите.

0 Се сеќаваш ли на првиот концерт што го одржа „Парни ваљак“ во Скопје, кој јас го паметам особено по оној ручек во домот на Аки, „зачинет“ со лути пиперки?

– Ма, кој би го заборавил тоа?! Мајката на Аки беше феноменална готвачка. Можеби, Аки од неа ја наследи дарбата за готвење. Како и да е, и концертот и ручекот беа одлични и одлично „зачинети“. Тој концерт беше значаен за нашата натамошна популарност во Македонија.

0 Позната ми е и приказната за настапот на групата ТОР на фестивалот „Бум“ во Загреб.  Познато ми е и како дојде Аки, со мало куферче и голема желба за успех  во Загреб. Како изгледаше вашата прва средба, што ти поминуваше тогаш низ глава, дали имаше шанси непознатото момче од Скопје да успее да стане тоа што навистина стана потоа или мислеше дека ќе биде проголтан од светлата на метрополата?

– Знам дека при таа средба се прашував дали е тоа момче храбро или „лудо“. Беше потребна голема храброст да се впушти во таква авантура, во тие денови. „Лудите“ деца бараат и „луда“ свирка. Знаев дека Аки е потенцијал уште од првиот момент, но не ни сонував до каде ќе стигнеме во нашата заедничка кариера.

0 Прилично силно, што е разбирливо, те погоди смртта на Аки. Се виде тоа и на последното испраќање, на гробиштата на Мирогој. Смртта на Аки како да те исфрли од колосек. Веројатно, долго траеше таа борба во тебе дали да престане бендот со работа или да продолжи да го работи она што го сака и ужива во тоа.

– Тоа беше страшен емотивен шок што не може да се опише. Многу болен период за бендот, бидејќи бевме врзани не само со деловните обврски туку и со долгогодишното пријателство. Не беше лесно да донесеш одлука да продолжиш, но кога е музиката твојот живот, страст и цел, тогаш, всушност, немаш избор. Или постоиш или исчезнуваш ако престанеш. Ние избравме да продолжиме и мислам дека не погрешивме. Аки ќе нè разбере.

0 Кога бараше нов вокалист, дали одеше на тоа тој пејач  да има сличен глас како Аки или, пак, да поседува не само добар глас и  однесување на сцената туку  и она што е најважно – своја индивидуалност?

– Секако дека не. Аки беше толку уникатен, што би било лудо да барам негова копија. Тоа би било залудна потрага. Игор е исклучително позитивна личност. Неверојатно е лесно да се работи со него. Тој е млад, има талент и силна волја. Секој ден е сè подобар. Поопуштен е и пожежок на сцената, а може да замислите каков е притисокот да стапнете „во чевлите на Аки“.

0 Според многумина, големиот успех на „Ваљак“ е резултат на симбиозата меѓу гласот на Аки и твоите песни. Во едно интервју, Аки изјави: „Господ ми го даде ова богатство – гласот и до последниот здив сакам да го споделувам со луѓето. А, лесно е тоа кога автор како Хус пишува песни како создадени за мене“. Се случија голем број албуми и хитови.  Кои албуми ти се најдраги и која е песната што тебе лично најмногу ти се допаѓа, како е направена, како звучи или, можеби, интимно те допира?

– Драгиот мој брат и пријател Аки навистина се даде до крајот на својот живот.      Жал ми е што не нè послуша кога му рековме повеќе да се грижи за своето здравје. Можеби, мислеше дека здравјето е нешто со што треба да се шегуваме. Не, не, здравјето е најважно од сè! Да ги слушаше нашите совети, можеби, сè уште ќе беше со нас, на сцената, па и на овој концерт во Скопје. Аки ги почувствува моите песни и бевме добри, како што велиш ти, бевме симбиоза. Не би издвоил ниту албум ниту песна што ми е најомилена. Сите тие се емоции снимени во одреден момент. Некои беа поуспешни од другите, некои не, но јас ги сакам сите.

0 Хус, оваа година ти наполни седумдесет години. Биди ми жив и здрав уште долго време и нека излегуваат уште песни од твојата музичка работилница како „Страница дневника“, „Заставе“, „Јесен у мени“, „Све још мирише на њу“, „Љубавна“… Наредната година „Парни ваљак“ ќе одбележи 50 години постоење и 50 години од оној прв концерт во Белград, на 29 ноември 1975 година. Дали од сегашна дистанца, доколку може да го вратиш времето назад, би менувал нешто твојот живот, дали би се занимавал со друга работа, да речеме сликарство или би го работел ова што го работиш веќе 50 години?

– Би го направил сето тоа одново, без размислување. Знаеш, јас сум роден во Бања Лука, но како бебе дојдов во Загреб, бидејќи татко ми студираше на Ликовната академија. Мајка ми беше фармацевтски техничар и многу сакав да си играм со епрувети. Значи, можев да изберам меѓу фармацијата и сликарството, но јас ја избрав музиката, поради една светлоцрвена електрична гитара во еден излог на плоштадот „Бан Јелачиќ“ во Загреб, која ме фасцинираше. Потоа станав член на тамбурашкиот оркестар во моето училиште, а потоа се знае, сè е познато.

0 На крајот од ова ексклузивно интервју, една порака од тебе до читателите на ВЕЧЕР и до сите обожаватели на „Парни ваљак“ во Македонија, во пресрет на концертот на 18 мај

– Сакам да им порачам на сите наши пријатели дека  ова е нашиот нов почеток, подготвени сме да го дадеме најдоброто од нас. Се надевам дека публиката што ќе дојде на концертот во Скопје, ќе ужива во добро познатите песни. Тоа ќе биде опуштена забава без споредба, бидејќи нема причина за тоа. Времето не може да се врати назад. Годините летаат. Мораме да одиме напред. Но, знам едно, дека духот на Аки ќе биде присутен на тој концерт. Некаде оттаму горе ќе се весели на свирката на „Парни ваљак“ во неговото многу сакано Скопје.

Љубчо АЛЕКСОВСКИ/фото:архива