EPA-EFE/JUANJO MARTIN

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ испрати силна порака до младите тенисери: „Дојдете, ќе ве испрашам“. Вака би изгледала скратената верзија на интервјуто што го даде пред својот настап на мастерс турнирот во Париз. Иако Карлос Алкараз е прв светски рекет, Србинот се подготвува за враќање на самиот врв. Тој сака да им покаже на сите каде припаѓа и ќе има можност да го стори тоа на турнирите во Париз и во Торино. За „Еуроспорт“, тој зборуваше и за играчите што доаѓаат и што се наметнуваат. Имаше само пофални зборови за нив.

-Пред сè, сакам да кажам дека имам одличен однос со сите нив и многу ги почитувам сите тенисери, особено оние што достигнуваат големи височини, бидејќи знам какво е чувството кога ќе успеете. Потребни се многу посветеност, напорна работа и добро е за тенисот што имаме млади играчи како Алкараз, Руне, Синер, па дури и малку повозрасни играчи како Циципас, Медведев, Зверев, Рублев, кои веќе некое време се на самиот врв – истакна Ѓоковиќ.

Тој потоа испрати јасна порака до сите млади играчи, кои го пробиваат својот пат.

-Секогаш е добро кога ќе се појават некои нови лица, но не планирам да се откажам. Ќе се погрижам да ги победам колку што можам повеќе. Се разбира, веројатно, ќе ме добијат и мене, но се надевам многу помалку.

На крајот, тој истакна дека тенисот е во сигурни раце.

-Многу луѓе се загрижени за иднината на тенисот, по „златната ера“, но зборуваа и кога луѓето како Мекинро, Сампрас, Агаси, Бекер, Борг се пензионираа. Секогаш се појавува некој нов. Појавата на нови е неизбежна. По долгата доминација на Рафа, Роже, Енди, Стан, Дел Потро… доаѓа нова генерација. Знам дека поставивме многу рекорди, но затоа постојат рекорди – да се уриваат. Можеби, изгледа невозможно на момент, но ништо не е недостижно. Алкараз изгледа како некој што би можел да доминира во овој спорт со години – заклучи Ѓоковиќ.