Делегација на Општина Битола во посета на францускиот град Епинал

345

Делегација од Општина Битола, предводена од градоначалникот Тони Коњановски, го посети збратимениот град Епинал во Република Франција, каде присуствуваше на официјалната прослава по повод патрониот празник на градот – Свети Никола, заштитникот на градот и на регионот Лорен.

Целта на посетата е зајакнување на воспоставената соработка и отворање нови можности за заеднички напредок, во рамки на едно од најдолгите збратимувања, точно 53 години, на Епинал и Битола.

Градоначалникот Тони Коњановски во обраќањето на свеченоста ја нагласи петдецениската поврзаност на Битола и Епинал, потенцирајќи дека во идниот период, таа треба постојано да се развива и надградува.

– Нашите два града ги врзува повеќе од пет децении пријателство кое со сите свои подеми и падови, и покрај илјадниците километри што нè разделуваат, сепак трае и се одржува низ времето. Во Битола, град со франкофонска и франкофилска традиција, посебно сме горди што може да се пофалиме со најдолгото збратимување во нашата земја. Од неговите почетоци, тоа се 53 години средби, посети, соработки во најразлични домени, проекти, тоа се бројни генерации кои од едната и другата страна престојувале во Епинал, во Битола, заеднички размислувале, се договарале, планирале, се дружеле – изјави Коњановски.

Тој додаде дека суштината на средбите од овој вид е можност да се разговара за перспективите во соработката, за идни проекти.

– Да продолжиме да работиме, да делуваме, да соработуваме, да бидеме солидарни, да се развиваме, менуваме и обновуваме, за да станеме подобри, индивидуално, колективно – изјави градоначалникот Коњановски во своето обраќање.

За градоначалникот на Епинал Патрик Нардин, збратимувањата се многу значајни.

– Тие дозволуваат запознавање со културите на другите, запознавање со другите земји, бидејќи благодарејќи на овие збратимувања ние ќе можеме да ја изградиме вистинската Европа. Европа во која ги споделуваме истите вредности: демократијата, заемното почитување на нашите различности, оваа света Унија што ќе ни дозволи да го зачуваме мирот во Европа – рече тој.

Светската здравствена криза ги попречи директните размени на збратимените градови и всушност ова е прва меѓусебна директна размена меѓу претставниците на двата града. Ова е дотолку позначајно бидејќи двата збратимени градови се стекнаа со нови совети и градоначалници, кои се договорија за интензивирање на соработката и размената на сите полиња и пред сè во размената и пренесувањата на искуствата за урбаното и комуналното уредување, енергетската транзиција и самостојност, мобилноста и движењето на граѓаните без да се заборави на културната и спортската размена.

Во делегацијата на Општина Битола, која го посети збратимениот град Епинал, покрај градоначалникот Тони Коњановски се и секретарот на општината, Борче Димитровски и советниците од Советот на Општина Битола, Жаклина Наумовска и Бојан Бојкоски.

Збратимување е родено на крајот од Првата светска војна. Познато е дека во Битола почиваат тринаесет илјади француски војници. Воспоставувањето на односите беше поттикнато од поранешниот борец на Источниот фронт, Пол Руа и градоначалникот на Епинал, Андре Арган, чиј татко почива во Битола.