Точно во една минута по полноќ на Клиника за гинекологија и акушерство во Скопје се роди првото бебе оваа година, девојче. Само две минути подоцна на свет дојде и нејзиното братче.

-Утрово, на Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство во Скопје, се родија првите бебиња, две близначиња во 2020 година. Првото е женско, родено во 00:01, а второто е машко и е родено во 00:03 часот. Да се живи и здрави! На родителите им посакуваме убава, среќна и бериќетна година, информира Министерството за здравство.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов и заменик-министерот за здравство Арменд Арслани денеска ги посетија првите близначиња родени во Новата година во Скопје.

Близначињата Анастасија и Габриел се прва рожба на родителите добиени по долги години чекање.

– Тие се предвреме родени една недела. Предвреме родените деца се најголемите борци. Тие се добри и во стабилна состојба, изјави директорката на Клиниката за гинекологија Викторија Јовановска.

Од Град Скопје двете близначиња добија штедни книшки и играчки, а Министерството за труд и социјална политика им подари пригодни подароци, а на мајката и подари златник.

– Имаме специфична ситуација, да имаме близнаци. Им посакувам многу здравје, среќа и среќно детство, а на семејството му честитам за најубавиот новогодишен подарок. Овој двоен живот за секој од нас значи двојно повеќе среќа, љубов и радост во годината што ни претстои. Убеден сум дека и градот и државата со сигурни чекори ги носат граѓаните кон подобра иднина, изјави градоначалникот Шилегов.

За министерката Царовска, близначињата значат среќна и бериќетна година, а самото тоа што првото од близначињата е девојче значи женска енергија.

– Убаво што овој ден секоја година го почнуваме со новост, а тоа се нови бебиња затоа што тие се иднината на нашата држава. Посебно сум среќна што годинава имаме близнаци и што сите заендо може да ја споделиме среќата со родителите. Првото од близначињата е девојче и очекувам 2020 година да биде супешна, позитивна и со женска енергија, изјави Царовска.

Од Министерството за здравство напоменуваат дека континуирано работат на подобрување на условите во сите родилишта низ државата.

Заменик-министерот за здравство Арменд Арслани посочи дека на Одделот на неонатологија на Клиниката за гинекологија обебедена е најсовремена апаратура со цел да се унапреди здравствената заштита и за новороденчињата и за мајките.

Во Гинекологија Чаир првото бебе е родено три минути по полноќ.