На социјалните мрежи врие од коментари, а граѓаните се револтирани што лекувањето се мери со пари, а никој не кажува дека по скапиот третман, особено во приватните болници, следуваат уште поскапи погребни услуги. Човечкиот живот секако дека вреди повеќе од парите за лекување, најчесто пишуваат нашите сограѓани. „Зар има некоја математика за изгубен човечки живот? До каде стасавме, каде ни е човечноста?! Дали може да се плати болката за изгубеното најмило лице?! Кој ќе им каже утешни зборови на децата што сега ќе растат без едниот или двајцата родители, кој ќе ги порасне?!“, се само дел од бројните реакции на граѓаните по информацијата колку ја чини државата лекувањето на еден ковид пациент.

 

Епидемијата со ковид-19 сериозно ги погоди македонските граѓани, а многу семејства останаа завиени во црнина, бидејќи од појавата на првото позитивно лице во земјава во февруари 2020 година досега починаа околу 9.300, конкретно 9.278 наши сограѓани. Оваа, за жал, црна бројка нè вброи во првите четири земји во светот по бројот на починати во однос на бројот на жители.

Градот на мртвите од вирусот во Македонија е поголем од нашите градови како што се Ресен и Пробиштип, а нешто помал од Виница.

Оваа тема повторно ги разгори социјалните мрежи, особено по пишувањето на весникот ВЕЧЕР дека Фондот за здравствено осигурување трошокот за најтешко болните лица на Инфективната клиника во Скопје го покривал со 5.000 евра, за пациентите што се лекувале на респиратор. Во соседна Србија, еден болнички ден за тешко болните лица кои се лекуваат на респиратор чини 1.000 евра и во зависност од деновите што ги поминува во болница, крајната цена е различна. Во Словенија и во Хрватска, трошокот за ваквото лекување достигнува од 15 до 17 илјади евра. Во Германија, пак, пациент хоспитализиран во болница ја чини клиниката од 25.000 до 30.000 евра

Граѓаните се револтирани што лекувањето се мери со пари, а никој не кажува дека по скапиот третман, особено во приватните болници, следуваат уште поскапи погребни услуги.

– Остануваме ем без пари ем без човек. Мажот ми почина на 57 години, без да има претходни заболувања. Здравствената книшка му беше празна. Цел живот плаќаше за здравствено осигурување, не потроши ништо од тие пари и сега, кога требаше да му пружат добра лекарска помош, замина во болнички кревет и не стана од него – реагира неговата сопруга во ФБ-групата „Ковид-19 совети и искуства“.

Човечкиот живот секако дека вреди повеќе од парите за лекување, најчесто пишуваат нашите сограѓани. „Зар има некоја математика за изгубен човечки живот? До каде стасавме, каде ни е човечноста?! Дали може да се плати болката за изгубеното најмило лице?! Кој ќе им каже утешни зборови на децата што сега ќе растат без едниот или двајцата родители, кој ќе ги порасне?!“, се само дел од бројните реакции.

– Ние самите сме виновни, во трката за пари се научивме на нечовечност, а сега бараме човечност. Им дадовме вредност на нематеријалните работи, кои за време на пандемијата согледавме дека не вредат ништо. Во оваа голгота за да си го спасиш животот, треба да платиш во приватна болница, оти се покажа дека јавното здравство не се организираше соодветно – реагира една сограѓанка.

Еден друг сограѓанин напиша дека со парите што ги одвојуваме од нашите плати, досега требаше да се изградат нови современо опремени болници, а не на болните да им носиме постелнина, ќебиња и перници за да можат да спијат на стари болнички кревети, а да не зборуваме за медицинскиот материјал и лековите што сами си ги купуваме.

Лекувањето пациенти со ковид-19 во болнички услови не само што е долг процес туку бара и поголеми финансиски средства. Од почетокот на пандемијата, најголемиот дел од граѓаните беа принудени да плаќаат приватно за ПЦР-тест, за витамини, за здрава исхрана и слично, додека потешките пациенти, како што велат, дневно трошеле и до 1.000 евра доколку се лекувале во приватните болници.

Како што информираа деновиве надлежните здравствени институции, и државата лани останала покуса за 35 милиони евра. Овие пари се потрошени само за една година, за лекување на пациенти позитивни на вирусот. Според податоците од Фондот за здравство, во 2021 година, во државните болници и клиники биле лекувани скоро 24.000 пациенти. Најголемиот дел од овие нив, 13.788, се лекувале во општите болници ширум земјава и во ГОБ „8 Септември“, каде што просечно пациентите биле хоспитализирани по 10 дена. За еден ковид-пациент, од Фондот на здравствената установа ѝ биле префрлани околу 1.000 евра.

На Клиниката за инфективни и фебрилни состојби, за една година болнички се лекувале 2.195 лица кои биле позитивни на вирусот. Од нив, 102 лица биле на респиратор повеќе од 15 дена. Како што појаснуваат од Фондот за здравство, се работи за најсложената и најскапа здравствена услуга и за еден пациент од фондовската каса биле префрлени по 5.000 евра.

Од почетокот на пандемијата, од април 2020 година, сите пациенти што биле заразени со ковид-19 и притоа биле хоспитализирани во јавните здравствени установи во Македонија, со уредба на Владата се ослободени од плаќање за лекувањето. Ослободувањето од плаќање на болничките услуги се однесува и за граѓаните кои не се осигуреници на Фондот.

(В.Ма.)