Градоначалникот Куртовски со видеопорака го честиташе денот на општина Маврово и Ростуше

179

По повод 4 мај – Денот на општината, градоначалникот на Маврово и Ростуше, Медат Куртовски, во видеообраќање на жителите им го честиташе денот со желби пандемијата да остане минато, а ние, како што рече, да се вратиме на секојдневневните обврски и живот во нормални услови.

– Годинава го немаме тоа задоволство заедно да го прославиме празникот на нашата општина, да ги проследиме музичките точки на нашите ученици и лично да се заблагодариме на сите кои дале придонес за нашата општина, рече градоначалникот Куртовски во обраќањето.

Додаде дека оваа е 15-та година по ред како општината функционира како единица на локална самоуправа, составена од двете поранешни посебни општини Маврово и Ростуше.

– Во моментов нашата држава и целиот свет се соочува со опасноста од вирусот Ковид-19 и во таа насока како командант на општинскиот кризен штаб сакам да искажам благодарост до сите жители од нашата општина за тоа што ги почитуваат препораките на Владата. Ние како општина извршивме  дезинфекција на сите населени места и поделивме пакети со помош за семејствата кои се во потешка социо-економска состојба, рече Куртовски.

Тој упати благодарност до Советот на општината и општинската администрација, за како што рече, несебичната поддршка во неговата работа во изминатиот период, како и за услугите кои им ги даваат на сите кои имаат потреба од локални и јавни услуги.

– Сакам да ги поздравам сите жители овде, но и сите нашинци во дијаспората, во Италија, Германија, Швајцарија, Турција, и во сите други држави и да ви посакам добро здравје и побрзо завршување на оваа здравствена криза. Исто така, сакам да се заблагодарам на Владата на Северна Македонија, на министрите и на директорите на   агенциите за нивната голема поддршка во реализацијата на проектите во нашата општина, посочи тој.

Притоа ги наброи проектите кои се реализирани во изминатиот период, како што е изградба и опремување на нова општинска зграда во која набрзо ќе се всели администрацијата, асфалтирање локалени патишта и изградба на водоводни и канализациски мрежи во неколку села, како и многу други кои се во насока на подобрување на условите за живот на населението.

Тој ги спомна и проектите кои се во реализација, меѓу нив и еден од најзначајните – реконструкција и проширување на патот од Ростушки Мост до Ростуше.