В среда и четврток ќе се пржиме на температури до 39 степени, Брзата помош на готовс!

Топлотниот бран пристигнува во Македонија

950

 Како што вели за весникот ВЕЧЕР, дежурниот синоптичар на УХМР, Ленче Ризова масата од западен Медитеран полека се приближува и в среда и четврток во земјава ќе биде многу топло со температури од 38 до 39 Целзиусови степени и УВ-индекс од 8 до 9. Од Итната медицинска помош се подготвени да им помогнат на граѓаните во овие претстојни врели денови. Д-р Елена Карева-Пиловска за весникот ВЕЧЕР вели дека топлотните удари настануваат кога телесната температура надминува 40 степени, тогаш организмот не функционира нормално и затоа препорачува луѓето да не се изложуваат директно на сончева топлина оти постои опасност од прегрејување

Екстремните горештини што деновиве достигнаа до 39 и 40 Целзиусови степени и уриваат рекорди во Јужна Германија, Франција, Австрија, Швајцарија и Шпанија, од утре ќе пристигнат и во Македонија. Синоптичарите предупредуваат дека климатските промени предизвикуваат ваквите периоди на интензивна топлина да се случуваат порано во период кога не се карактеристични, а за време на летото тие ќе се интензивираат.

Како што вели за весникот ВЕЧЕР, дежурниот синоптичар на УХМР, Ленче Ризова, утре  попладне и во вечерните часови во северните делови ќе има појава на изолирана нестабилност со пороен дожд и грмежи. Во Скопје за утре е прогнозирана максимална температура до 34 степени, а за Гевгелија до 36 степени.

– Масата од западен Медитеран полека се приближува и в среда и четврток во земјава ќе биде многу топло со температури од 38 до 39 Целзиусови степени. Оваа маса носи и влажен бран, па во попладневните часови на повеќе места ќе биде нестабилно со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а в четврток ќе има услови и за појава на краткотрајно невреме – вели за весникот ВЕЧЕР, Ризова и дополнува дека УВ-индексот овие два дена ќе се движи меѓу 8 и 9.

Од петок, пак, според Ризова, се очекува мало заладување, северниот ветер ќе ги спушти температурите кои ќе се движат од 28 до 35 степени.

– За време на викендот ќе преовладува претежно стабилно и топло време со температури до 37 и 38 степени, додека УВ-индексот ќе биде повисок и ќе достигне 9 – појаснува Ризова и дополнува дека кај нас УВ индексот не се мери, туку се прогнозира врз основа на температурата на воздухот.

Од Итната медицинска помош за весникот ВЕЧЕР, велат дека како и секогаш е подготвена да им помогне на граѓаните во овие претстојни врели денови.

-Работата на Итната медицинска помош е навреме да реагира кај акутно живото- загрозувачките состојби. Истовремено даваме и совети кај влошувања кај хронично болните пациенти. Им препорачуваме на граѓаните да се избегнува во овој период изложување на директна сончева топлина, бидејќи постои опасност од прегрејување и дехидратација, што може да влијае на центарот за рамнотежа, да почувствуваат мачнина и главоболка и тогаш треба да застанат под сенка и да пијат вода – вели за весникот ВЕЧЕР д-р Елена Карева-Пиловска и дополнува дека топлотните удари настануваат кога телесната температура надминува 40 степени и затоа организмот не функционира нормално.

Д-р Карева-Пиловска, која е специјалист психијатар, апелира кон граѓаните да си помагаат доколку забележат дека некој не се чувствува добро.

-Човечка должност е ако некому не му е добро да застанат и да помогнат, потенцира таа, и препорачува граѓаните да се грижат за своето здравје и редовно да одат на превентивни прегледи.

Изминативе денови, според мерењата на француската Национална метеоролошка агенција, топлотниот бран што ја погоди Франција е најраниот таков бран од почетокот на мерењата во 1947 година. Поради ова во Франција има зголемена побарувачка за клими и вентилатори.

Мерната станица Котбус во Германија во неделата „се зажари“ на високи 39,2 степени, што е досега највисока температура измерена на оваа станица на североистокот на земјата, 100 километри од Берлин, од 1888 година.

Земјоделците во Италија предупредуваат на влијанието на сушата врз приносите. Нивото на водата во реката По падна за 75% во однос на просекот.

Топлото време предизвика и пожари, гори Евија, Каталонија…

Поради високите температури некои земји во Европа се борат со пожари. Во шпанскиот регион Каталонија пожарникарите се борат со шумски пожари. Жителите, пак, на три населени места се евакуирани поради пожарот што избувна во шумската област во Трауенбрицен во Бранденбург, Германија.

Во Грција повторно гори на Евија, која минатата година доживеа катастрофа. Властите наредија евакуација на селото до кое пожарот се приближи на 800 метри од првите куќи. Пожари беснеат и на истокот на Шпанија. Поради опасност, локалното население е евакуирано во Каталонија и на границата со Португалија.

(В.Ма.)