Моментно тече гласањето за најдобар ракометен тренер од просторите на поранешна Југославија за сезоната 2019/20, што секоја година го спроведува реномираниот интернет портал „Балкан Хендба.“ Мртва трка за лидерското место водата црногорскиот ракометен стручњак Веселин Вујовиќ и Хрватот Лино Червар.

Но, Црногорецот кој до пред неколку недели беше на клупата на ППД Загреб истакна дека не ја заслужува оваа награда и дека добро се знае кој колку направил во ракометот во изминатиот период.

-Почитувани пријатели Балкан Хендбал секоја година бира најдобар тренер од регионот со помош на вашите гласови. Нормално дека ми годи што моментно сум на лидерското место, но по мојот критериум ова признание треба да го добие Лино Червар, освојувач на сребрен медал од ЕП со репрезентацијата на Хрватска. Благодарност до сите кои гласавте за мене, но морам да кажам дека не се бира најомилен, туку најдобар за минатата сезона, нагласи Вујо и појасни зашто го напуштил хрватскиот шампион.

-Вложив во приватен бизнис. Имам голема плантажа со овошје. Одгледувам цреши и круши. Заради оваа работа морав да им се заблагодарам на луѓето од ППД Загреб, кои сметаа на мене и за наредната сезона. Работата е од таква природа за да морам често да отсуствувам, а не сакав да работам површно. Нормално дека мојата тренерска кариера не е завршена и покрај тоа што многу пати размислував да и ставам крај, заврши Вујовиќ.