Во Струмица од утре почнуваат со работа 16 лични асистенти на ученици со попреченост

44

Со почеток на второто полугодие од оваа учебна година, од утре со работа ќе започнат и 16 лични асистенти на ученици со попреченост вклучени во редовниот образовен процес во основните училишта во Општина Струмица и тоа 14 во Струмица и по еден во населените места Муртино и Градско Балдовци и за сите се обезбедени средства од општинската каса.

Ова го соопшти градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, на редовната месечна средба со претставниците на здруженијата и организациите кои опфаќаат лица со попреченост и во социјален ризик.

Тој потсети дека во ООУ „Видое Подгорец“ е отворена сензорна соба за педагошка поддршка за учениците со образовни потешкотии.

-Ова е втора сензорна соба, првата е во ООУ „Сандо Масев“ во кое функционира и Центарот за поддршка на образованието на ученици со попреченост. Од областа на Програмата за социјална заштита обезбедена е просторија за психо-социјално советувалиште за реинтеграција и ресоцијализација на жени, жртви на семејно насилство во Повеќенаменскиот социјален центар, рече Костадинов.

На средбата се разговараше и за други проблеми и предизвици за кои во наредниот период ќе се бараат решенија согласно општинските можности и овластувања.