Во пензија на 64 години од следната година

Новиот рок за пензионирање на 64 години би се овозможил со директна интервенција во предлогот за измени на Законот, што е неопходно зашто рокот за амандмани помина. Притоа, исто така би се овозможило уште едно продолжување на работниот однос по исполнувањето на условот за пензија, но само до 30 јуни 2022 година

2431

Задолжителното пензионирање на најголемиот дел од вработените на возраст од 64 години најверојатно ќе стартува од наредната година. Според неофицијални информации, ова ќе се овозможи со корекција на измените на Законот за работни односи.

Тие измени се предложени уште лани од група пратеници од владејачката коалиција, но поради блокада со околу 500 амандмани од опозицијата „заглавија“ во Собранието. Со тоа пропадна планот оваа новина во пензионирањето да стартува од 1 јануари оваа година.
Новиот рок за стапување во сила на пензионирањето на 64 години би се овозможил со директна интервенција во предлогот за измени на Законот, што е неопходно зашто рокот за амандмани помина. Со таа интервенција исто така би се овозможило уште едно продолжување на работниот однос по исполнувањето на условот за пензија, но само до 30 јуни 2022 година.

И овој закон со најавените корекции, како и оние од петтиот пакет мерки, би требало да „тргне“ во собраниските процедури врз основа на постигнат договор меѓу власта и опозицијата за повлекување на амандманите кои го кочат. Како и да е, со оглед на тоа што со најавената интервенција пензионирањето на 64 години би стартувала дури за осум месеци, има време за договарање, одблокирање и носење на оваа новина.
Како што појаснуваат за весникот ВЕЧЕР предлагачите на измените на Законот за работни односи, освен што е блокиран со амандмани, овој документ подолго време е закочен и во матичната Комисија за труд и социјална политика.

-Предлогот не оди во скратена, туку во редовна процедура, ниту пак е со европско знаменце. Во второ читање остана во Комисијата за труд и социјална политика. Еднаш беше ставен на дневен ред, но седницата беше прекината. Оттогаш веќе три месеци не е закажана ниту една седница на таа комисија. Според правилата, секој амандман, а ги има околу 500, треба поодделно да се разгледа. Ако се повлечат амандманите работите ќе одат полесно, појаснуваат предлагачите на оваа измена на закон.

Со измените на Законот за работни односи, како што е веќе објавено, се предлага жените да бираат дали ќе работат до 62 години, како сега, или до 64. Право на продолжување на работниот век би им се дало само универзитетски професори и здравствени работници. Исто така, предложени се и ограничувања за лицата со бенефициран стаж. Поради тоа, во пакет со измените на Законот за работни односи со кои се укинува можноста за работа до 67 години и се поставува основното правило за пензионирање на 64 години, предложени се и измени на неколку други закони. Како што информираат предлагачите и тие се блокирани со стотици амандмани.
Инаку, Предлогот за измени на Законот за работни односи групата владејачки пратеници го поднесе во ноември лани. Требаше да стартува од почетокот на годинава, но не се донесе навреме.

Предлагачите за весникот ВЕЧЕР појаснуваат и дека е расчистена дилемата околу тоа каков товар за Фондот за пензиско и инвалидско осигурување би бил напливот на пензионери што би се случил со укинување на можноста да се работи до 67-годишна возраст, зашто има планирано средства за тоа.

(С.В.)