Власта чека штотуку породена пратеничка за да го комплетира мнозинствотo?

244

Договорени уште минатата недела, списокот со имињата со предлозите за заменици министри во Владата, се чекаше до вчера доцна попладнето.  Се работи за заменици во 16 ресори на Илинденска, кои според најавите на премиерот Зоран Заев, следната недела, односно после 20 септември ќе се најдат пред пратениците.

Неофицијално, причина за доцнењето на седницата за заменици- министри е немањето мнозинство за усвојување на оваа точка на дневниот ред, а по 21 септември во Собранието се очекува на работа да дојде штотуку породена пратеничка од ДУИ, со што би се комплетирало мнозинството. За изборот на заменик-министри се потребни минимум 61 глас.

Според списокот со биографии, кој вчера беше испратен до Собранието, досегашниот заменик-министер за внатрешни работи Агим Нухиу оди во Министерството за правда, а за заменик-министер за здравство се предлага досегашниот директор на ТОАРИЦУЛ Илир Хасани.

Заменик-министер за одбрана ќе биде Башким Хасани, за внатрешни работи Назим Буши, Илхан Рахман ќе биде заменик во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, а Фатмире Исакиза во Министерството за надворешни работи.

Заменик на Фатмир Бесими во Министерството за финансии ќе биде Димитар Ковачевски, Зоран Маневски во Министерството за економија, а досегашниот министер за земјоделие Трајан Димковски останува во ова министерство како заменик.

Арафат Шабани ќе биде заменик на министерката Мила Царвоска во Министерството за образование и наука, Енвер Хусејин заменик во Министерството за труд и социјална политика, Зоран Димитровски во Министерството за локална самоуправа, а Седат Сулејмани во Министерството за култура.

Александар Бајдевски останува заменик во Министерството за информатичко општество и администрација, Беким Реџепи ќе биде заменик-министер за транспорт и врски, а Христина Оџаклиеска за животна средина и просторно планирање.

Заев и Ахмети, според досегашните информации се договориле и за третиот ешалон, односно за директорските места во дел од агенциите и претпријатијата.

Вицепремиерот Артан Груби изјави дека ДУИ ќе ги добие раководните позиции во Јавното претпријатие за државни патишта, Македонски електропреносен систем-оператор (МЕПСО) и Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД).

Неофицијално,нов директор на Царинската управа најверојатно ќе биде Горан Сугарески, кој во претходниот владин состав беше министер за транспорт и врски.

Со МЕПСО, пренесуваат дел од медиумите ќе раководи Бесим Кока.  Кока моментално е финансиски директор на Здравствен дом – Скопје, а во здравствените институции е речеиси две децении.

Засега нема договор за бројот на потпретседатели на Собранието. Власта и опозицијата не може да се договорат дали  во Собранието треба да има петмина, или тројца потпретседатели. Талат Џафери, претседателот на Собранието, околу бројката на негови заменици во Парламентот, рече дека ако тој се прашува, нему не му треба ниту еден.

„Текот на седницата е моја работа. Јас контролирам, јас одлучувам кога ќе прекинам. Мене не ми треба заменик ако јас се прашувам. Уставот вели дека може да има минимум еден, а Уставот не е акт што се менува секој ден“, рече Џафери.