Виенскиот бал по 21. пат во Скопје – на македонскиот Вардар со носталгичните ноти од убавиот син Дунав – По двегодишна пауза поради корона-пандемијата

321

Со особена чест организаторите, а тоа се Здружението за културна соработка „Јохан Штраус“, Амбасадата на Република Австрија во Република Северна Македонија, како и Владата на нашата земја, истакнуваат дека Виенскиот бал во Скопје и на овој 14 мај (наредната сабота) ќе ја задржи својата хуманитарна нишка. И овој пат, водителка на балот ќе биде одличната Вера Мештеровиќ (првата официјална некогашна мис на Македонија)

Задолжително бидете во Скопје на 14 мај, наредната сабота, од 20 часот, во хотелот „Александар палас“. И знаете зошто? Токму поради одржувањето на најновото издание на омилениот Виенски бал, кој ќе се случи по 21. пат, по пауза од две години поради светската корона-пандемија.
Организатор е Здружението за културна соработка „Јохан Штраус“, секако, под покровителство на Амбасадата на Република Австрија во Република Северна Македонија, како и на Владата на нашата земја. Тие ќе овозможат и нашата македонска метропола да има еден ваков гламурозен настан каков што е Виенскиот бал, а кој го имаат многу други светски метрополи. Со тоа, македонското Скопје, гордо, веќе две децении е дел од оваа вековна австриска традиција.
Со особена чест организаторите истакнуваат дека Виенскиот бал во Скопје и годинава ќе ја задржи својата хуманитарна нишка.

Во рамките на вечерната уметничка програма, оркестарот „Јохан Штраус“ ќе музицира под диригентство на Бисера Чадловска. Грациозните танчари од Танцовиот клуб „Примаденса“ ќе имаат атрактивни танцови точки, а магијата на балетската уметност, на сцената на балот, ќе ја донесат првенците на Балетот при МОБ – Саша Ефтимова и Балаш Локсеј.
Ексклузивните гости, а тоа се сите оние што ќе бидат присутни таа ноќ во „Александар палас“, меѓу нив и некои од медиумите, ќе имаат можност да уживаат во настапот на „Свингерси бенд“, додека за пеењето ќе бидат ангажирани солистите Драган Бобиќ-Дексо и Калина Велковска.
Како и секоја година, дрес кодот на Виенскиот бал во Скопје е задолжителен: долги тоалети (фустани) за дамите и смокинг или темен костум за господата.
Пред почетокот на официјално богатата програма, во фоајето на хотелот ќе има дружење, одбрана музика со одбран пијалак, како и поздравен говор на домаќинот.
И овој пат, водителката на балот ќе биде одличната Вера Мештеровиќ (првата официјална некогашна мис на Македонија). Таа ќе носи ексклузивна креација од модната куќа „Елена Лука“, додека накит ќе ѝ биде охридскиот бисер на Филеви. (Д.М.)