Поразот на европскиот, македонски и регионален шампион Вардар од Кил во 4. коло од Лигата на шампионите си го зеде данокот. Доволно беше само еден убедлив пораз и првиот тренер Шпанецот Давид Писонеро да биде прекомандуван од главен во помошник-тренер. Спортскиот директор Едуард Кокшаров, на ракометарите им кажал дека тој ќе го предводи тимот во иднина, а шпанскиот тренер ќе биде негов асистент.

Кокшаров ја извршува и функцијата директор во македонскиот шампион, а истовремено ја води и репрезентацијата на Русија, а сега ќе го предводи и тимот кој сезонава брани три титули, Лигата на шампионите, СЕХА лига и во домашното првенство.

-Јас ќе бидам тренер додека не најдеме нов, а за тоа ни е потребно време. Претседателот Сергеј Самсоненко одлучи да го смени Писонеро. Тимот немаше стил на игра како минатата сезона. Тој сметаше дека сега е вистинското време да се направи радикална промена. За Писонеро имаше две опции – да се раскине договорот или да остане како помошник-тренер, тој го одбра второто. Ни треба време да најдеме нов тренер, вели Кокшаров за рускиот „Брз центар“.

Едуард Кокшаров е личност која во Вардар е долго време и учествува во носењето на важни одлуки како избор на играчи и тренери. Тој своевремено беше и тренер на женскиот тим на Вардар, со кого имаше големи успеси на меѓународната сцена.

Досега на клупата на „црвено-црните“ седеа Зоран Кастратовиќ, самиот сопственик Сергеј Самсоненко, Андон Бошковски, Раул Гонзалез, Роберто Гарсија Парондо и Давид Писонеро.

Најголеми успеси постигнаа Гонзалез и Парондо, кој од завршниот турнир во Келн се вратија со титулата европски шампион.

Вардарци, пак, одлично ја стартуваа и оваа сезона во елитното натпреварување со три победи, но поразот од Кил никако не можеше да му се прости на Писонеро. Веќе утре ќе се види како ќе функционира тимот со новиот тренер на гостувањето кај унгарскиот Веспрем.