БУЕНОС ДИАС – НА КОЈ ЈАЗИК СЕ РАЗБИРАМЕ?!

Бараме кривична одговорност за Бујар Османи, надлежните органи веднаш да поведат постапка и, конечн,о во Македонија да се поведе соодветна постапка за дела против нарушување на угледот на државата, како што е овој случај. Османи веднаш да поднесе оставка од позицијата министер за надворешни работи, тоа е најмалку што може да го направи по ваквиот недржавнички потег, кој е понижувачки кон сите граѓани на Македонија. На официјалната средба на Османи со министерот за надворешни работи на Шпанија, преку прес-конференцијата јасно се гледа дека Османи единствено го употребува албанскиот јазик, иако е јасно кој е службен јазик на Македонија за меѓународна употреба утврден со Уставот – реагираат од ВМРО-ДПМНЕ откако во петокот Османи, во својство на МНР на Македонија, на официјална средба во Скопје со министерот за надворешни работи на Шпанија, Хозе Мануел Албарез, зборуваше на албански јазик. За нападите на ВМРО-ДПМНЕ, вчера реагираше МНР. Во реакцијата се вели дека министерот Бујар Османи се обраќа на двата службени јазика.

241

– Бараме кривична одговорност за Бујар Османи, надлежните органи веднаш да поведат постапка и, конечно, во Македонија да се поведе соодветна постапка за дела против нарушување на угледот на државата, како што е овој случај. Османи веднаш да поднесе оставка од позицијата министер за надворешни работи, тоа е најмалку што може да го направи по ваквиот недржавнички потег, кој е понижувачки кон сите граѓани на Македонија – изјави вчера портпаролката на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.

Таа смета дека „срамен, недржавнички и понижувачки е односот на Бујар Османи, кој во својство на министер за надворешни работи, на меѓудржавна средба не го користи македонскиот јазик како официјален јазик на Република Македонија“.

Митева напомена дека на „официјалната средба на Османи со министерот за надворешни работи на Шпанија, преку прес-конференцијата јасно се гледа дека Османи единствено го употребува албанскиот јазик, иако е јасно кој е службен јазик на Македонија за меѓународна употреба утврден со Уставот“.

– Бујар Османи, во својство на МНР на Македонија, во добро познатиот свој надмен и понижувачки стил зборува на течен албански јазик, иако е назначен да ја претставува Република Македонија. Оваа власт на СДС и ДУИ, на чело со Османи како МНР, трајно ги погазува македонските национални вредности, а македонскиот јазик е една од тие најголеми вредности што ги има македонскиот народ. Османи да престане да биде лицемерен државник – рече Митева.

За нападите на ВМРО-ДПМНЕ, вчера  реагираше МНР. Во реакцијата се вели дека министерот Бујар Османи се обраќа на двата службени јазика.

– Зачудува однесувањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која иако себеси се декларира како партија заштитник на конзервативните вредности, за време на одбележувањето на велигденските празници, поточно  Велика сабота или Ден на длабоко молчење и покој, преку употреба на груби лаги и целосно измислени факти создава етнички тензии и поделби во општеството – стои во реакцијата од Министерството за надворешни работи.

– Заради почит кон нашите сограѓани, кои во овие денови очекуваат да добијат мир и спокојство за достоинствено да ги одбележат велигденските празници, Министерството за надворешни работи се воздржа од коментирање на непристојното однесување од страна на ВМРО–ДПМНЕ. Сепак, во интерес на вистината, дозволете во целост да ги демантираме информациите за несоодветна примена на Законот за употреба на јазиците за време на средбите и/или прес-конференцијата со министерот за надворешни работи на Кралството Шпанија, Хозе Мануел Албарез Буено.

Примената на Законот за јазици на сите настани што се организираат од Министерството за надворешни работи, кои, патем, се чести, јавни и многубројни, е секогаш соодветно имплементирана. На секој настан, министерот се обраќа пред домашната јавност на двата службени јазика дефинирани според Уставот и Законот за јазици, при што Министерството обезбедува превод, соодветно достапен за присутните медиуми.

Напоменуваме дека употребата на службените јазици на Република Северна Македонија е материја што е регулирана со закон, каде што прецизно е дефинирана употребата на службените јазици на земјава и истата треба соодветно да се применува без притоа да биде предмет на политичка пресметка. Со оглед дека настаните и прес- конференциите се јавна работа, ја повикуваме ВМРО-ДПМНЕ да ги поткрепи тврдењата со некаков доказ, запис или снимка; во спротивно, да покаже почит кон вредностите што ги застапува и јавно да се извини за непотребното создавање конфузија во јавноста на етничка основа – се вели во соопштението од МНР.

Бујар Османи, во својство на МНР на Македонија, на официјална средба со министерот за надворешни работи на Шпанија, Хозе Мануел Албарез, кој во петокот беше во еднодневна посета на Македонија, на прес-конференцијата зборуваше  на  албански јазик. (В.М.Б.)