Бројот на жртви од торнадото во САД се искачи на 11

140

Бројот на жртвите од торнадото, кои ги погодија јужниот и средниот запад на САД, денеска се искачи на 11.

Уништени се неколку домови и трговски центри, а за време на хеви метал концерт во Илиноис се урнал покривот на театарот, пренесува АП.

Четири лица загинаа во градот Вин, Арканзас, додека други жртви се пријавени во Алабама, Илиноис, Индијана и Мисисипи.

Гадич Вин, кој се наоѓа на околу 80 километри западно од Мемфис, Тенеси, е без струја, додека патиштата се полни со отпад, изјави членката на градскиот совет Лиза Пол Картер.

Во Белвидер, Илиноис, торнадо предизвика пад на покривот на театарот додека 260 луѓе беа на концерт на хеви метал.

Во таа прилика едно лице загина, а 28 се повредени, од кои пет потешко, соопштија официјални лица.

Три лица загинаа во невремето во округот Саливан во американската сојузна држава Индијана, соопштија официјални лица.

Како што претходно соопшти полицијата, во округот Саливан биле оштетени и неколку станбени згради и зградата на локалната доброволна противпожарна служба.

Најмалку едно лице загина во Литл Рок, Арканзас, а повеќе од 20 се повредени, соопштија официјални лица.

Потврдена е уште една смрт во Норт Литл Рок, соопштија официјални лица.

Гувернерката на Арканзас, Сара Хакаби Сандерс, активираше 100 членови на Националната гарда за да им помогне на локалните власти да одговорат на штетата.

Постои сомнеж дека една жена загинала кога торнадо удри во округот Медисон во северна Алабама, кое уништи неколку згради, изјави локален официјален претставник.

Во округот во северниот дел на Мисисипи, агенцијата за управување со итни случаи потврди еден смртен случај и соопшти дека четири лица се повредени.

Речиси 90.000 луѓе се без струја во Арканзас, според веб-страницата која ги следи прекините на струја.

Прекини на струја се забележани и во Ајова, Мисури, Тенеси, Висконсин, Индијана и Тексас.

Речиси 100 нови шумски пожари беа пријавени во петокот во Оклахома, покажаа податоците на Шумската служба.

Метеоролозите соопштија дека временските услови во петокот биле слични на оние од пред една недела кога разорното торнадо уби 21 лице и оштети околу 2.000 домови во Мисисипи.

Метеоролошката служба за следниот вторник прогнозира нова серија интензивни невреме во истото подрачје како и минатата недела.