Бомби пукаат пред избори

1410

Само неколку дена пред почетокот на изборната кампања, повторно се појавуваат бомби. Некаде вистински, некаде аудио и видеоснимки. Викендов, кандидатот за пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски информираше за инцидентот со експлозијата во објект во сопственост на неговото семејство. Денес, нови бомби- аудио и видеоснимки се појавија и на социјалните мрежи.

Снимките кои беа објавени се извадени од контекст, тврди претседателот на СДСМ, Зоран Заев, откако беа објавени две аудиоснимки во кои наводно се слуша гласот на поранешниот директор на Фондот за здравство, Ден Дончев, и уште еден соговорник. Во снимките се споменува и адвокатот Филип Медарски. Лидерот на владејачката партија, на прес-конференција рече дека се работи за ангажман на адвокатот во меѓусебен спор во Тотал ТВ, а не за случај за дијализниот центар „Дијамед Македонија“ и за продажбата на неговата концесија.

– Медарски, многу често и адвокат на СДСМ, имал предмет во кој сопственици на Тотал ТВ имале меѓусебни пријави во полиција, која постапувала по Тотал ТВ, а тој бил застапник на еден од нив. Еден од сопствениците на Тотал ТВ е пријател и на Ден Дончев, па зборувале за него, рече Заев.

Заев потврди дека ги видел аудиоснимките и потенцираше дека Медарски не бил вклучен во никакви релации со „Дијаверум“.

Претпладнево беа објавени две аудио и една видеоснимка на која се слуша глас за кој дел од медиумите пренесуваат дека е наводно на Ден Дончев, доскорешниот директор на Фондот за здравство.

„Ден Дончев: Зоки ми даде пас! Слушнете како Заев и Дончев биле тандем за рекетирање на фирми, а несебично им помагал и Медарски, адвокатот на Заев!… а Венко дали знаел?!“, објави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.

Милошоски на „Фејсбук“ сподели аудиоснимка, на која наводно е Ден Дончев и како наводно адвокатот Медарски наводно од нив бара да не се испраќа инспекција кај инвеститор кој тој го застапувал. Видеото е постирано од профил со псевдоним Али Баба Тредичи.

Од аудиото се слуша како наводно поранешниот директор на Фондот за здравство, Ден Дончев, вели дека е во постојана комуникација со директорот на финансиското разузнавање Блажо Трендафилов, за кој на снимката се тврди, пренесува „Нетпрес“, дека му бил близок пријател на Зоран Заев и затоа го поставил на таа позиција.

Ден Дончев неодамна си поднесе оставка од функцијата директор на фондот за здравство, а медиумите подоцна објавија дека оставката ја поднел од здравствени причини.