Алечковиќ: Стравот и паниката побрзо се шири од коронавирусот и ве носи во ментален карантин

Професорката Мила Алечковиќ, како врвен експерт по клиничка психологија и антрополошка психијатрија, во оваа вонредна ситуација препорачува да ја надминеме паниката оти таа го намалува имунитетот и со тоа сме изложени на разни болести. Таа е ќерка на познатата поетеса Мира Алечковиќ, која твореше на просторот на поранешна СФР Југославија. Нејзина кума е поетесата Десанка Максимовиќ, а кум на нејзините родители е писателската легенда Бранко Ќопиќ

577

Во услови на светска пандемија на ковид-19 човештвото е на раскрсница. Се води битка меѓу реалниот и ирационалниот страв кои ги парализираат луѓето, но и битка меѓу стравот и желбата за живот која во овој случај треба да преовлада.

Токму сега како никогаш досега разбираме што значи изреката “здравјето и човечкиот живот вредат многу повеќе од сите пари на светот” или пак “ако немаш здравје, немаш ништо”.

За жал, вирусот на паниката многу побрзо се шири од биолошкиот вирус, вели д-р Мила Алечковиќ, доктор на наука и врвен експерт по клиничка психологија и антрополошка психијатрија.

Таа е ќерка на познатата поетеса Мира Алечковиќ, која творела на просторот на поранешна СФР Југославија. Нејзиното име Мила и го дала нејзина кума, поетесата Десанка Максимовиќ, која била пријателка на нејзината мајка. Долгогодишен пријател и кум на семејство Алечковиќ, пак, бил писателската легенда Бранко Ќопиќ.

Затоа Алечковиќ вели за себе дека растела меѓу видни луѓе. Таа по националност е Србинка, но што се однесува за науката таа вели дека е француски кадар. Едукацијата ја стекнала во Франција каде што го запознала и нејзиниот сопруг, кој е Французин.

Алечковиќ за Франција вели дека е земја број еден за медицината во светот и токму затоа при нејзината едукација големо внимание посветила на знаењето со кое ќе може да му помогне на човекот- психијатријата и психологијата. Признание за нејзината научна дејност добива и од Руската академија на природни науки каде е нејзин член како француски професор.

Алечковиќ во оваа вонредна ситуација препорачува да ја надминеме паниката оти таа го намалува имунитетот и со тоа нè напаѓаат и други болести.

-Во страв и паника ни паѓа имунитетот и сите болести кон кои сме склони ќе нè напаѓаат – вели д-р Алечковиќ во своето неодамнешно интервју кое ексклузивно се емитуваше во емисијата “Во центар”, на Васко Ефтов.

Таа појаснува дека вирусот на стравот ве носи во ментален карантин и со тоа уште повеќе ви паѓа имунитетот. Според неа, најопасното нешто за човекот е ирационалниот страв, што предизвикува паника, а тоа го намалува природниот имунитет и психичката одбрана, со што стравот многу лошо влијае повеќе и од самиот вирус.

Алечковиќ смета дека треба да се биде многу внимателен околу изготвувањето на статистиката, оти во моментов не сите умираат од коронавирусот. Таа вели дека многу луѓе умираат од други болести, но се заведуваат од корона.

-Голема е борбата меѓу фармацевтската мафија и вистинските лекари на кои треба да им веруваме, смета таа и дополнува дека ние на Балканот сме херојски народи, досега сешто сме издржале, многу војни, поделби и бомбардирања, граѓански војни и сè уште постоиме.

Според неа ќе бидеме победници и во оваа биолошка војна.

Во своето интервју пренесува порака од најдобрите и најискусните  француски вирусолози и епидемиолози кои велат дека не треба да се создава паника бидејќи овој нов вирус покрива други ситуации во светот, а фактички од него умираат помалку луѓе отколку од обичниот грип.

Еден од нив е врвниот француски епидемиолог Дидје Раулт кои работи  во болничкиот центар во Марсеј со уште 800 лекари-специјалисти. Доктор Раулт, кој е и национален советник за здравје во Франција,  смета дека луѓето не треба да бидат затворени и во изолација, бидејќи според него со вирусот само во внатрешен простор можете да се заразите, а во надворешни услови не.

Овој врвен француски епидемиолог на светската јавност и е добро познат, бидејќи тој во Франција, во Марсеј, излекува со ковид-19  околу 4.000 пациенти користејќи го стариот лек со кој се лекувала маларијата, антималарик кој во комбинација со одредени антибиотици делува ефикасно.

Како што Алечковиќ потенцира во своето интервју, д-р Раулт ги отворил вратите на болницата и лично ги повикал граѓаните од Марсеј и Франција да дојдат и кај него да се лекуваат. Интересот бил голем од страна на пациентите кои направиле колона долга километар, со надеж дека лекарот ќе ги лекува, но и излекува. Реакцијата во јавноста биле уште поголема кога д-р Раулт информирал дека се работи за евтин лек кој може да се донира на целата нација, а во други земји лекот да чини до три евра.

-Франција е земја на медицината и многу лекови се делат бесплатно, особено оние што го подигаат имунитетот на населението-вели Алечковиќ, која долги години живеела во Франција.

Претседателот на Франција Емануел Макрон, како што вели Алечковиќ, отпочеток не му верувал доволно на епидемиологот, но како што пациентите заздравувале го сменил мислењето.

-На притисок на неговата сопруга дека се работи за врвен стручњак и медицински бренд на Франција, Макрон го прифатил лекувањето и  одобрил програмата на д-р Раулт да се применува при лекување на заболените од ковид-19, вели Алечковиќ во ”Во центар” .

Францускиот епидемиолог предлага во сите земји да се дозволи луѓето да шетаат на растојание, особено старите луѓе и децата, оти за нив  физичката активност е најпотребна. Неговите размислувања за заразата и како да се справи човештвото ја прифатиле и лекарите од Германија, Русија, Јапонија, Бразил… Но, на овој француски лекар за начинот на кој ги лекувал пациентите признание, покрај претседателот Макрон, му дале и Трамп и Путин.

Алечковиќ посочува дека сепак незадоволни останале само фармацевтите кои се во потрага по скапи лекови и скапа вакцина.

Што се однесува за носењето на маски, Алечковиќ отворено кажува дека таа не носи маска, бидејќи го почитува мислењето на рускиот лекар Горобиев кој пак рекол дека доколку носите маска, таа треба да се менува на секои два часа, во спротивно е полна со бактерии и самата ќе ве зарази. Горобиев, како што вели Алечковиќ, препорачува за да се има добар имунитет треба да се излегува надвор, да се шета, особено тоа се однесува за луѓето кои се постари од 40 години.

(Подготви В.Ма.)