Ненадејната пренамена на семејна куќа со пет спални соби во Пимлико, во центарот на Лондон, во амбасада на Црна Гора предизвика соседски спор што стигна дури и до судија на Високиот суд, пишува „Гардијан“.
Соседите, како што објави Би-би-си, уште минатата пролет се пожалиле дека новиот јарбол со знамето на амбасадата „стрчи како трн во око“ меѓу куќите на улицата „Кембриџ“, кои имаат статус на заштитени згради од втор степен. Некои се пожалиле и боите на знамето во црвена боја со златната рамка, кое, како што рекле за „Гардијан“, е „впечатливо“ и „не е во согласност со достоинствените“ бели фасади на куќите од доцниот период на регентството, дизајнирани од Томас Кубит. Триесет и петгодишната Дијана Симпсон отишла најдалеку, па го тужи Градскиот совет на Вестминстер, барајќи судска ревизија на одлуката за пренамена на куќата во амбасада и отштета, со образложение дека локалните власти не го зеле предвид влијанието што може да го има доаѓањето на Црна Гора во непосредното соседство врз нејзиното ментално здравје, кое ѝ било нарушено, зашто имала повеќе дијагнози, меѓу кои анксиозност. Во тужбата, таа образложува дека Црна Гора во последните години имала неколку спорни ситуации во односите со Русија, што ја плаши, па при секое чкрипење помислува дека некој ѝ влегува дома, поради што воопшто не спие.
Овој случај, кој се најде пред судијата Тимоти Молд, можеби е необичен, но не е единствен. Конфликт со соседите имаат и други помали држави, кои се принудени да ги преселат своите амбасади во станбени квартови поради пониските кирии. САД, на пример, имаат амбасада во Лондон во импозантна, наменски изградена зграда во облик на коцка, висока 12 ката, јужно од Темза, додека амбасадата на Црна Гора сега е во близина на автобуска станица. Во пренаменета семејна куќа е преселена и амбасадата на Туркменистан, што, исто така, предизвика незадоволство кај соседите, кои, сепак, признаваат дека луѓето во неа се многу тивки и немаат никакви проблеми со нив.












