четврток, октомври 29, 2026
Дома LIFE КОЛУМНА, ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ: Меѓу големите политики и преживувањето на малиот човек

КОЛУМНА, ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ: Меѓу големите политики и преживувањето на малиот човек

70

Живееме во земја која има огромно историско и културно наследство, но која денес е потоната во некултура и простотилак, во секојдневно прекројување на минатото и која се дави во омраза и неслога. Реалноста овде не се мери со владини брифинзи за „историски БДП-раст“ и имагинарни стратешки хоризонти, туку на шалтерите каде што правдата е административна тортура, во болниците без лекови, во судските сали каде што владее професионална неписменост, и преку озаконетата корупција која го јаде општеството однатре.

Политичката сценографија веќе долго време функционира по системот на постојана тензија и затворени кругови. Реториката на крупните реформи и стратешките пресврти останува заробена во лавиринтите на партиските мешетарења, кадровската политика е сведена на партиски послушници, а секојдневието на постојана продукција на регионални спорови и внатрешна меѓупартиска омраза. Политичките партии кај нас одамна ја надминаа дефиницијата за идеолошки организации; тие се претворија во корпоративни синџири за прераспределба на државниот плен. Гледаме лидери кои со децении вртат исти кругови, менувајќи ги само вратоврските и реториката, додека партиската книшка останува единствената валидна диплома во државата. Додека партиските војници се наградуваат со директорски места во комунални претпријатија кои не знаат да ги избројат и закрпат ниту дупките во асфалтот, младите со инженерски дипломи носат пакети за брза испорака низ градските сокаци. Политиката овде не е борба за идеи –  таа е грабеж со законски овластувања, систем за лично богатење, привилегии и фобија од промени, каде што секој нов изборен циклус е само нов тендер за истите кланови.

Во меѓувреме, граѓаните развија видлив политички замор и незаинтересираност. Довербата во институциите сè уште го носи товарот на партизираност, некадарност и селективна правда, додека европската интеграција, наместо процес на трансформација, сè повеќе личи на чекална без јасен крај. Судството и понатаму останува „рак-рана“ на општеството, квазисистем во кој граѓанинот ретко ја гледа правдата како заштитник, а сè почесто како закана. Додека се носат реформи кои се, главно, само на хартија под меѓународен притисок и се дискутираат нови правни механизми, суштинските процеси се соочуваат со застој и партизирани институции, што резултира со корозија на авторитетот на државата. Кога правната сигурност е доведена во прашање, прашањето за владеење на правото се сведува на импровизација од ден за ден.

Македонија е клинички пример за правен нихилизам. Гледаме судски процеси за милионски афери кои со години свесно се влечат низ фиоки сè додека не настапи апсолутна застареност, додека истовремено се изрекуваат драконски казни за кражба на виршли. Кога синот на некој локален функционер ќе скрши три коли во алкохолизирана состојба, веднаш се бара „вештачење на душевната состојба“, а кога обичен земјоделец ќе протестира за неисплатени субвенции, завршува во притвор.

Економски, живееме во парадокс. Статистиката бележи умерени стапки на раст и инфраструктурни замави, но пазарот на труд и секојдневната кошничка зборуваат за сосема поинаква стварност. Инфлаторните притисоци остануваат длабоко врежани во џебот на граѓанинот, а јазот помеѓу малцинството што профитира од транзициските аномалии и мнозинството што се бори за основна егзистенција станува сè подлабок. Владата се фали со просечни плати над хипотетички прагови, но тие бројки се креирани од неколку илјади менаџери во странски компании и државни функционери со дебели бонуси. Обичниот човек во внатрешноста на Македонија, кој работи во текстилната или дрвната индустрија — ако тоа воопшто може да се нарече индустрија со таков мал обем — за минималец од 400 евра, влегува во маркет со список на работи што мора да ги прецрта бидејќи зејтинот, лебот и лековите поскапеа побрзо од која било европска инфлација. Секој месец е математика на преживување: дали да се плати струјата или да се купи лек за притисок. И тогаш доаѓа државата да те убеди дека сè е во ред, бидејќи „странските инвеститори бележат рекорден извоз“. Каде одат тие пари и во чиј џеб се прелеваат, очигледно не е прашање за надлежните институции. Младите сè уште го гледаат патот кон надвор како единствен излез од оваа структурна слепа улица, празнејќи ги не само семејните домови туку и супстанцата на целото општество.

Можеби најболната точка на ова време е онаа што се случува во културолошкиот и меѓучовечкиот простор. Општеството е длабоко поларизирано, не само политички туку и психолошки. Културата на дијалог е заменета со фестивал на навреди, социјални мрежи полни со гневно судење и отсуство на основна култура и солидарност. Во секојдневните меѓучовечки односи се чувствува постојана омраза, онаа скриена нетолеранција која избива на површина при секој помал социјален или секојдневен стрес. Институтот „соседство“ и меѓусебната почит постепено се заменуваат со отуѓеност и недоверба. Политичката поларизација ни влезе во семејните ручеци, на социјалните мрежи, во секојдневниот сообраќаен гнев на крстосниците. Луѓето се исцрпени од постојаното препукување, од неправдата што ја гледаат на секој чекор, од погледот на празни улици во малите градови од кои децата веќе се иселија во Германија или Шведска. Доста ни е од празни патетики и повици за „патриотизам“ од политичари кои имаат странски сметки и пасоши во фиока. Проблемот веќе не е во тоа дали некој во Брисел ќе ни се смилува, ниту, пак, во тоа дали опозицијата ќе ја замени позицијата. Проблемот е што сопствената држава ја сведевме на чекална за иселување. И додека секој од нас не каже доста е на локално ниво – во општинската канцеларија, во училиштето, во фирмата пред газдите што те уценуваат – оваа територија ќе остане само графикон за погребни агенции и партиски маткови.

Ако постои тема што најпрецизно го отсликува македонскиот политички апсурд, тоа е европската интеграција – процес кој од стратешки мотив се претвори во бесконечна чекална без јасен крај. Политиката на Брисел кон Македонија веќе долго време ја губи својата геополитичка кредибилност, претворајќи се во биореактор на двојни аршини и бирократско извртување. Наместо заснован врз заслугите, реформите, борбата против корупцијата и владеењето на правото, патот на земјата кон Унијата стана подвижна цел изложена на постојано историско и идентитетско вето од соседството. Со воведувањето на билатералните прашања во формалната преговарачка рамка, Европската Унија дозволи европскиот идеал да се претвори во инструмент за задоволување на тесните национални апетити. Европските дипломати доаѓаат во Скопје со цвеќе во рацете и убави зборови за „европското семејство“, а заминуваат оставајќи нè со отворени рани и вето кое се менува секојпат кога во Софија или Атина ќе се смени власта. Тоа не е европеизација, тоа е политички уценувачки рекет. Додека домашните институции тапкаат во место заробени во сопствените реформски лавиринти, ЕУ со секое ново одлагање и услов само свесно ја потхранува колективната рамнодушност и евроскептицизмот кај граѓаните. Резултатот е поразитeлен: европската перспектива, наместо мотор на трансформација, станува уште една алиби-игра и за домашните елити и за еврократите во Брисел, додека суштинските промени остануваат заложници на геополитичкиот замор и дволичност.

Македонија денес е земја на неискористен потенцијал и заробена енергија. За да се излезе од оваа колективна летаргија, потребен е радикален пресврт во мислењето: од политички клиентелизам кон меритократија, од законска декларативност кон суштинска правда, и од меѓусебна деструкција кон градење на нормалност. Додека чекаме глобалните или регионалните ветрови да ни дувнат во грб, вистинската промена сепак ќе мора да започне од онаму каде што најмногу се плашиме да погледнеме — во сопственото огледало.

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)

 

ИЗДВОЕНИ