Развојот на вештачката интелигенција не значи само автоматизација и замена на човечкиот труд туку и појава на нови професии што бараат поинакви знаења и вештини. Во Кина, каде што индустријата за роботи брзо се развива, официјално се признаени 11 нови професии, меѓу кои техничари за обучување роботи и инженери за дигитални близнаци. Овие стручњаци ги обучуваат роботите да извршуваат задачи, ја проверуваат нивната безбедност и создаваат виртуелни средини во кои машините се подготвуваат за работа во реални услови. Примената на дигиталните близнаци може да го скрати времето за подготовка на роботите за работа од две или три недели на само два или три дена. Примерот од Кина покажува дека технолошкиот напредок не ги менува само работните места туку и квалификациите што ќе им бидат потребни на луѓето во иднина
Често се смета дека развојот на вештачката интелигенција ќе укине голем број работни места, но примерот од Кина покажува дека таа истовремено создава и нови професии. Наместо само да ги заменува луѓето, технологијата ја менува и природата на работата, а со тоа и знаењата и вештините што се потребни на пазарот на трудот. Обучувањето роботи да извршуваат задачи, тестирањето на нивната безбедност и создавањето виртуелни средини во кои ќе вежбаат пред да почнат да работат во реални услови се само дел од новите професии што се појавуваат во Кина. Овој тренд покажува дека иднината на работата не зависи само од тоа кои задачи ќе ги преземат машините туку и од тоа колку луѓето ќе бидат подготвени да ги приспособат своите квалификации на новите технологии.
Во Кина сè повеќе се развиваат роботи што можат да извршуваат задачи во реални услови, а со тоа се отвораат и нови работни места.
Во септември, кинеското Министерство за човечки ресурси и социјално осигурување и други владини институции објавија листа со 11 нови професии, меѓу кои и техничар за примена на роботи со отелотворена вештачка интелигенција и инженер за дигитални близнаци.
Во компанијата „Севенс роботикс“, во областа Лиангџијанг во југозападната кинеска општина Чонгкинг, Танг Зисијанг работи како техничар за примена на роботи со отелотворена ВИ, обучувајќи ги роботите да извршуваат различни задачи.
Танг ги приспособува положбите и аглите на регулаторните копчиња за да симулира различни работни услови, а потоа ги користи добиените податоци за обучување на моделите со вештачка интелигенција. Потоа, обучените модели ги инсталира на роботски раце за понатамошно тестирање и усовршување. Преку повторени испитувања, роботите постепено ги учат задачите во симулирана средина пред да почнат да ги извршуваат во реални услови.

– Нашата работа е да им помогнеме на роботите да преминат од лабораторијата кон широка примена во реалниот свет, вели Танг.
Компанијата „Севенс роботик“ развива специјализирани роботи за нафтената, хемиската и енергетската индустрија. Нејзините машини можат да ги заменат човечките инспектори или да им помагаат при работа во опасни средини.
Во вакви услови, роботите мора да работат сигурно во подолги периоди. Танг рече дека техничарите треба да ги дефинираат барањата за брзина и прецизност, да тестираат дали роботите можат да закрепнат по неуспешни операции и да утврдат кога треба да запрат или да побараат човечка интервенција.
– Нашата цел е роботите што работат во лабораторија да ги претвориме во машини што можат безбедно и сигурно да функционираат на долг рок, рече тој.
Танг се надева оти роботите ќе ги надополнуваат човечките работници, наместо, едноставно, да ги заменуваат.
– Се надевам дека роботите ќе преземат поголем дел од опасните, напорните и повторливите работни задачи, вели тој.
Инженерството на дигитални близнаци, уште една новопризнаена професија, исто така помага во подготовката на роботите за примена во реални услови.
Џијанг Леи, кој работи во оваа област, создава виртуелни средини во кои роботите за инспекција можат да ги вежбаат задачите пред да бидат пуштени во употреба.

Користејќи тридимензионална реконструкција, тимот на Џијанг создава дигитални реплики на фабрики, овозможувајќи им на виртуелните роботи да ги вежбаат маршрутите за инспекција и да проверат дали нивните камери можат да ги снимаат вредностите прикажани на мерните инструменти. Откако задачите ќе бидат проверени во симулираната средина, тие можат да се пренесат на физичките роботи.
– Традиционално, техничарите морале да ги носат роботите на локациите на проектите пред да го мапираат околниот простор, да ги испланираат маршрутите и да ги одредат точките за инспекција, рече Џијанг.
Сепак, дигиталните близнаци овозможуваат овие активности однапред да се вежбаат во симулирана средина, со што времето потребно за пуштање во работа на самата локација потенцијално може да се намали од две или три недели на само два или три дена. Симулирањето создава и податоци за тестирање и обучување на алгоритмите, со што се намалуваат времето и трошоците за собирање податоци во реални услови.
Како што синџирот на индустријата станува сè поспецијализиран, се отвораат нови можности за вработување на луѓе со различно образовно потекло.
Џијанг, кој студирал автомобилско инженерство на универзитет, преминал од истражување во областа на автономното возење кон развој на роботи, работа што бара знаења од тридимензионално моделирање, програмирање и симулации.
Танг, кој дипломирал и магистрирал компјутерски науки, а студиите ги завршил оваа година, применува методи на учење со поткрепување и имитациско учење при обучувањето на роботите, истовремено продолжувајќи да ги изучува кинематиката на роботите и контролата на нивното движење.
Растот на индустријата ја зголемува и побарувачката за специјалисти за собирање податоци, обучување модели, пуштање системи во работа, како и за нивно управување и одржување.
Податоците објавени од кинеското Министерство за индустрија и информатичка технологија покажуваат дека во земјата имало повеќе од 400 модели на хуманоидни роботи, а во првата половина на 2026 година биле произведени над 40.000 единици.
Засилени се и напорите за обучување работна сила за овој сектор. Претходно овој месец, Универзитетот „Бејџинг сити“ започна програма за обука на висококвалификувани кадри за примена и практична работа со отелотворена ВИ. Програмата им нуди на работниците од индустријата петдневна интензивна обука, која комбинира настава во училница со практична работа со вистински роботи.
Легенди:
Легенда 1: Вработени собираат податоци за роботи во центар за обука на отелотворена вештачка интелигенција во паркот Шоуганг во Пекинг, главниот град на Кина
Легенда 2:











