Наместо досегашниот модел на месечна плата, можноста за пресметка на надоместокот според бројот на одработени часови отвора бројни дилеми кај работодавачите, стопанските комори и работниците. Дискусиите за промена на методологијата сè уште се во почетна фаза, а главната загриженост кај работниците е можноста за манипулации и неплаќање на целосно одработениот труд. Од друга страна, работодавачите со кои разговаравме сметаат дека ваквиот модел би можел да биде значаен чекор кон поголема лична одговорност на работниците, подобро познавање на нивните права и поефикасна организација на работата во компаниите.
Работодавачите сметаат дека исплатата според бројот на одработени часови е прифатлив модел, но нагласуваат дека тоа не значи дека тие самостојно ќе одлучуваат колку часа ќе работи секој вработен. Според овој пристап, минималната плата и надоместокот за труд би се утврдувале на час, наместо на месечно ниво.
Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија, во изјава за весникот ВЕЧЕР, објаснува дека и покрај исплатата на час, ќе мора да има усогласување на вкупниот број работни часови на неделно и месечно ниво.
– Ако е на неделно ниво, сите работни часови над 40 часа ќе се сметаат за прекувремена работа и ќе се плаќаат дополнително, со 35 отсто повисок надоместок. Исто така, ако некој ден се работи осум до десет часа, друг ден може да се работат четири или шест часа. Целта е да се поедностави работењето, односно еден ден да се работи повеќе, а друг помалку, во зависност од работниот процес, изјави Димитров.
Според него, иако постои можност за злоупотреби, исплатата според одработените часови остава помалку простор за манипулации од страна на работодавачите. Тој смета дека ваквиот модел може да отвори можности за дополнителен ангажман и поголема заработувачка за работниците.
Миле Бошков од Бизнис-конфедерацијата на Македонија смета дека без добра организација и контрола на работата постои ризик од злоупотреби, особено ако платата по час не е поврзана со учинокот и со продуктивноста на работникот.
– Некој може да биде на работа и десет часа, а притоа да не сработи речиси ништо, додека друг за неколку часа може да заврши многу повеќе работа. Исто така, можно е работникот да ја заврши задачата за четири часа, а преостанатите четири да ги помине на работното место, без дополнителен ангажман“, изјави Бошков за весникот ВЕЧЕР.
Според него, работниците што чесно и посветено ја извршуваат работата треба да бидат соодветно наградени од работодавачите.
– Сè зависи од организацијата на работата, но најголем дел од работодавачите не знаат како правилно да го спроведат овој модел. Во светот и во Европа одамна се практикува ваквиот начин на плаќање, додека кај нас сè уште се прават анализи за тоа како ќе влијае врз работниците и како ќе се применува во компаниите. Сепак, ова е сериозен исчекор за личната свест на работникот, неговите права и организациската способност на компаниите, додава Бошков.
Идејата што ја иницираше Сојузот на стопански комори е прифатлива и за Конфедерацијата на слободни синдикати, од каде што сметаат дека е време да се промени методологијата за пресметка на платите.
Од Владата, пак, велат дека се отворени за дијалог и разгледување на сите предлози, но нагласуваат дека се потребни дополнителни анализи пред да се донесе конкретно решение.
Работодавачите оценуваат дека исплатата според одработените часови е прифатлив модел, но појаснуваат дека тоа не значи дека ќе можат самостојно да одлучуваат колку часа ќе работи вработениот.
Од Сојузот на стопански комори, од каде што потекна идејата за плаќање по саатнина, велат дека ваквиот модел овозможува поголема флексибилност на работното време, повисока продуктивност и заштеди за компаниите.
Во услови кога работниците се соочуваат со ниски примања, несигурност и намалена куповна моќ, зголемувањето на платите во приватниот сектор често се условува со растот на продуктивноста. Според оваа логика, повисоката продуктивност треба да овозможи и повисоки плати, а подобро платените работници да бидат помотивирани да придонесуваат за развојот на компаниите.
Сепак, останува отворено клучното прашање: дали саатницата ќе изнесува 150 денари или ќе биде потребно нејзино зголемување? Останува да се види дали евентуалната промена ќе донесе и реално повисоки примања за работниците или, пред сè, ќе значи поинаков начин на пресметување на платата. Конкретните решенија ќе зависат од натамошниот дијалог меѓу Владата, работодавачите и синдикатите.
(А. С.)












