четврток, октомври 29, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА По свирепите убиства во Ѓорче, МВР најавува контроли и обиколки, го повикува...

По свирепите убиства во Ѓорче, МВР најавува контроли и обиколки, го повикува и соседството на соработка

0

По двете убиства во скопските населби Хром и Ѓорче Петров, од МВР велат дека континуирано преземаат мерки за заштита на личната и на имотната сигурност на граѓаните, со особено внимание кон повозрасните лица, особено оние што живеат сами. Одговорот на прашањето од весникот ВЕЧЕР, дали е зголемено полициското присуство во Скопје, не содржи конкретна најава за засилени патроли по убиствата, туку се наведуваат редовните превентивни обиколки, патролните активности и оперативните мерки на СВР Скопје.

– Процената на ризикот се врши врз основа на конкретните околности, претходно пријавени закани, насилство и сомнителни активности. Пријавите за непосредна опасност за животот и здравјето имаат приоритет, а граѓаните можат да пријават сомнителни појави на 192, на единствениот број за итни случаи 112 или во најблиската полициска станица – изјавија од полицијата за ВЕЧЕР.

МВР посочува и дека заштитата на повозрасните лица бара координација со центрите за социјална работа, здравствените установи и со локалната самоуправа.

– МВР апелира до граѓаните, особено до соседите и до блиските лица на повозрасните граѓани што живеат сами, доколку забележат сомнителни активности, закани или околности што може да укажуваат на загрозена безбедност, веднаш да пријават во полиција – апелираат од МВР.

Токму соседската солидарност, редовниот контакт со повозрасните лица и присуството на полицијата во населбите се меѓу мерките што ги посочува и дипломираниот криминологот Дејана Спасовска. За ВЕЧЕР, таа апелира дека позорникарството може да има важна превентивна улога преку непосреден контакт со граѓаните, препознавање повторливи сомнителни појави и навремено откривање на ризиците. Таа нагласува дека не смее да се сведе безбедноста само на мерки што треба да ги преземат потенцијалните жртви. Потребни се и институционална реакција, анализа на претходните кривични дела и навремено постапување по пријавите. Особено ранливи може да бидат постарите лица што живеат сами или имаат ограничена поддршка, но возраста сама по себе не значи дека некој автоматски станува цел на сторителите. (П. А.)

ИЗДВОЕНИ