Освен „Мирно лето“, во Кинотеката ќе бидат прикажани и документарниот филм „Девојките од Мали“ (1963) и филмските журнали бр. 4 и бр. 6 од 1946 година, исто така во режија на Османли, кои претставуваат драгоцено сведоштво за времето и за развојот на филмската продукција во Македонија. Димитрие Османли е автор и на редица други значајни остварувања во македонската играна и документарна продукција
Кинотеката на Македонија, утре (30 октомври), со почеток во 19:00 часот, ќе одбележи две значајни годишнини од историјата на македонската кинематографија: 20 години од смртта на режисерот и филмски автор Димитрие Рули Османли и 65 години од снимањето на „Мирно лето“ (1961), првата македонска филмска комедија и прв филм во македонската кинематографија режиран од македонски филмски автор.
„Мирно лето“ во режија на Димитрие Османли, а по сценарио на Фрида Филиповиќ, е филм од 1961 година, снимен со 35- милиметарска камера и во црно-бела техника. Улогите ги толкуваат: Љупка Џундева, Слободан Перовиќ, Дарко Дамески, Илија Милчин, Мери Бошкова, Петре Прличко, Илија Џувалековски и Стојка Цекова. Во филмот, младиот брачен пар Заре и Мира заминува во Охрид на три месеци, а престојува во Етнографскиот музеј, надевајќи се дека, конечно, ќе најде мир и тишина далеку од љубопитните соседи. Меѓутоа, бидејќи претходно им се пофалиле на сите за оваа можност, нивната оаза набрзо се претвора во хаос. Еден по еден, во музејот ненајавено им пристигнуваат пријатели, роднини и познајници, создавајќи општ метеж, кој целосно излегува од контрола. Покрај тоа што е прва комедија, „Мирно лето“, исто така, е и прв македонски филм на современа тема, затоа што до 1961 г. играните филмови биле претежно на теми од Втората светска војна.
Освен „Мирно лето“, во Кинотеката ќе бидат прикажани и документарниот филм „Девојките од Мали“ (1963) и филмските журнали бр. 4 и бр. 6 од 1946 година, исто така во режија на Османли, кои претставуваат драгоцено сведоштво за времето и за развојот на филмската продукција во Македонија.
Димитрие Османли е автор и на редица други значајни остварувања во македонската играна и документарна продукција.

Покрај гореспоменатите, тука се и играните филмови „Мементо“ (1967), „Жед“ (1971) и „Ангели на отпад“ (1995), како и документарните „Распламтени факли“ (1956), „Афион“ (1962), „Културно богатство во урнатини“ (1963), „Кеј 13 Ноември“ (1964) и наградуваниот „Дванаесетте од Папрадник“ (1965). Неговиот краткометражен игран филм „Бунт на куклите“ (1957) во 2022 година го отвори прочуениот Фестивал на новореставрирани филмови „Ил чинема ритровато“ во Болоња, а признанието што го доби македонската кинематографија со неговата проекцијата во Болоња е дотолку поголемо што ова е првиот и засега единствен македонски филм прикажан на овој реномиран фестивал. Во 2023 г., пак, на 60-годишнината од скопскиот земјотрес, беше прикажан „Мементо“ во рамките на југословенската ретроспектива на „црниот бран“ во реномираниот њујоршки Музеј на современа уметност – МОМА, каде што режисерската постапка на Османли во овој филм беше споредена со онаа на големиот француски режисер Ален Ренѐ, во неговиот култен филм „Хирошима, љубов моја“. За „Девојките од Мали“, пак, „Вардар филм“ ја доби продуцентската награда на Фестивалот на југословенскиот документарен и краткометражен филм во Белград, во 1964 г.
На одбележувањето на двете годишнини, пред почетокот на проекциите, на присутните ќе им се обрати директорот на Кинотеката на Македонија, Бошко Грујоски, кој ќе се осврне на значењето на творештвото на Димитрие Османли и на неговиот придонес во македонската филмска историја.
– Со овие проекции, Кинотеката продолжува да ја чува и да ја афирмира македонската филмска меморија, потсетувајќи на авторите, делата и на историските моменти што ја обликувале нашата кинематографија – истакнуваат од оваа институција. (Н. И. Т.)












